Македонија

Партенија Зографски, македонскиот црковно-народен и јазичен деец и духовен пастир на македонскиот народ – 150 години од смртта

На денешен ден, на 7 февруари се навршуваат 150 години од смртта на Партенија Зографски, првиот македонски учебникар, филолог, еден од најистакнатите културни и црковни работници од 19 век во Македонија и прв македонски митрополит. Се пројавил и како собирач на народни умотворби и прв почнал да печати македонски народни песни. Во весникот „Ден“ бр. 7, од 14. февруари 1876 година бил објавен некролог за упокојувањето на Партенија Зографски: „По долго боледување, во ноќта меѓу 6 и 7 февруари тој се пресели во вечноста, заслужувајќи го името пастир на народот, затоа што навистина верно му служеше и сите ја познаваа добрината на тој старец… Потекнува од Галичник, и заслужува вечно споменување.“ – стои во текстот. Ова се нагласува во статија на Институтот за македонска литература, посветена на животот и делото на Партенија Зографски.

Партенија Зографски (Галичник, 1818 – Цариград, 7 февруари 1876) е стожерниот меѓник на македонската преродба, по што го распознаваме и нашето македонско црковно-народно и духовно битие, нашиот самосвоен македонски духовен и творечки идентитет. Целиот живот тој го посвети на будењето и афирмацијата на националната свест, на посебноста на македонскиот народ и македонската црква во едно бурно и клучно време од историското опстојување. Партенија Зографски, чие родено име е Павле Тризловски, првото образование го стекнал во манастирот „Св. Јован Бигорски”, а во 1836 г. во Охрид бил ученик на Димитар Миладинов. Замонашен е во Манастирот Зограф на Света Гора, во 1842 година, при што го добива името Партениј, а по манастирот и звањето Зографски. По знаења оди и во Духовната академија во Одеса, Кипријанскиот манастир во Молдавија, киевската богословија, а од 1846 до 1850 г. е редовен студент во Духовната академија во Москва.

Неговиот животен пат е нераскинливо врзан со љубовта кон Бога и кон сопствениот македонски народ. Набргу по завршувањето, од страна на цариградскиот патријарх е произведен во архимандрит, за потоа да биде поставен за епископ на Полјанската епархија, како прв Македонец со такво црковно звање и чин. Хиротонијата ја извршил солунскиот митрополит Неофит во патријаршијската црква во Цариград. Прво околу што се заложил новиот владика е воведувањето на црковнословенскиот јазик во богослужбата во црквите на македонски верници, со што го намалил влијанието на грчката црква во однос на богослужбата.

По формирањето на Богословското училиште во 1851 г. во Зографскиот манастир, Партенија бесплатно им предавал на десет сиромашни ученици. Покрај црковните предмети тој предавал граматика и тука е неговиот зародиш за ангажираноста како учебникар и граматичар. Во периодот 1857-1859 година. во Цариград напишал многу значајни трудови и учебници на македонски јазик, меѓу кои најзначајни се „Кратка световна историја“, „Началное учение за децата“ и „Прва част на граматика за членовите“. Истовремено, на својот мајчин јазик (мијачки говор) го превел „Пространото Климентово житие“, што е прв превод кај Јужните Словени и тоа на македонски јазик. За одбележување е и неговата „Втора кратка словенска граматика“.

Овие учебници и неговите собрани македонски народни песни претставуваат први и најсакани просветни извори кај Македонците. Најавената граматика на македонски јазик, заради големите притисоци и интриги од Бугарите, не излезе од печат. Високо школуван и надарен како духовник, дејноста на Партенија добива нови димензии. Набрзо тој бил ракоположен како Кукушки Епископ во 1859-1862 година, развивајќи голема дејност во борбата за извојување слободна и независна македонска словенска црква. Градејќи широка културнопросветна и духовна дејност тој многу придонел за ширењето на македонското преродбенско дело.

Сиот живот Партенија ги ширел своите учебници во Македонија и во еден дел од Србија, но бугарската критика остро се нафрлувала врз неговата јазична концепција. Со своите дела Партенија укажал на суштинската разлика меѓу македонскиот и бугарскиот јазик, посочувајќи на тринаесет разлики меѓу македонскиот и бугарскиот јазик. Тој сметал дека Македонците не треба да примат јазик далечен од народниот, односно истакнувал дека секое слепо прифаќање од македонска страна на јазикот на „горни Болгаре“ е „безумно и несправедливо“. Токму затоа неговите статии и учебници биле пречекани со остра критика од бугарска страна.

Многубројните пречки и клевети од страна на бугарските и на грчките великодостојници и противници на македонскиот јазик, ја засилувале решеноста на Партенија да истрае за благородното дело, за културното издигнување на македонскиот народ, за што сведочи неговата грижа за школување 24 млади Македонци на високите школи во европските земји. Релативно млад и под досега необјаснети околности Партенија далеку од родниот Галичник, на 7 февруари 1876 г. во Цариград ја испуштил својата благородна душа и го оставил неговото дело, од кое се издигна еден македонски говор на степен на прв словенски книжевен јазик, формирајќи силни следбеници. Со тоа стана најзаслужен владика и преродбеник за македонската култура, просвета и богослужба. Во дворот на црквата „Св. Стефан“ во местото Балат, во Истанбул, до педесеттите години на XX век се наоѓал гробот на Партениј Зографски, а денес нема видно обележје на почивалиштето на овој голем македонски просветен и културен деец. 

Извори: „Македонско сонце“, Институт за македонска литература и „Википедија“

Најнови вести од: Македонија

Николоски: Новиот состав на ИК на ВМРО ДПМНЕ ќе ги донесе победите на следните парламентарни, претседателски и локални избори

По синоќешниот избор на новиот ИК на партијата Николоски се заблагодари за довербата, што му ја укажа премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Македонското знаме се развеа на ЗОИ 26 во Италија: оптимизам во МОК и меѓу нашите олимпијци за добри резултати од настапите (Видео)

Четворица спортисти ја претставуваат Република Македонија на Зимските олимписки игри 2026 во Италија. Јана Атанасовска е најмладата македонска натпреварувачка и рекордерка во алпско скијање. Ставре Јада е најискусен член на македонскиот олимписки тим, кому ова му е трето учество на Зимски олимписки игри, по настапите на Олимпијадата во 2018 година во Пјонг Чанг, во Јужна Кореја, и на Олимпијадата во 2022 година во Пекинг, во Кина. По настапот на претходната Олимпијада во Пекинг Ана Цветановска повторно ќе ја претставува Македонија во истите нордиски дисциплини. Четвртиот наш натпреварувач е Виктор Петков, кој последен влезе во државниот олимписки тим. Честа да го носат македонското државно знаме на вчерашната официјалната церемонија на отворањето на ЗОИ 2026 ја имаа Атанасовска и Јада.

Во акција на полицијата и ОЈО 40 тони марихуана запленети во складишта! – Мицкоски: Катастрофално наследство од претходната власт!

Околу 40 тони марихуана се запленети во голема полициска акција што се реализираше вчера, според извори блиски до истрагата. Владата го потврди сериозниот карактер на случајот. Премиерот во телевизиско интервју изјави дека јавноста ќе биде шокирана од бројките и дека десетици тони дрога незаконски биле пуштени во промет или сокриени во македонските складишта. „Одговорност ќе има за ваквите злоупотреби и криминални дејствија“, порача премиерот. Тој го оцени случајот како „катастрофално наследство“ од економските политики на претходната власт.

Смилевска: Ковачки е посветен на македонската кауза и несебично ѝ служи на Македонија! – Со Мицкоски ќе бидат одличен тим во градењето на иднината!

„Ја поздравувам државничката одлука на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за назначувањето на Драган Ковачки како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски е лидер, што не калкулира со иднината, туку ја гради со одговорност и визија. Назначувањето на Ковачки е уште една потврда за тоа.“ – објави Христина Смилевска од Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ на својот фејсбук-профил по вчерашното именување на Драган Ковачки, пратеник во Собранието на Република Македонија, како нов генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ.

Најнови вести

To top