Македонија

По колку коли просечно одзема полицијата и како возилата да се вратат на газдата?!

Одземените возила се чуваат на паркинзите на полициските станици, а понатаму ќе се чуваат на места и на локации коишто ќе бидат одредени од Обвинителството, велат од полицијата и додаваат дека ако настанат штети на возилата додека тие се одзземени, надлежните ќе ја покријат.

Од 1 до 18 февруари полицијата одзела вкупно 96 автомобили од возачи што возеле без возачка дозвола или имале забрани за возење, како и од возачи што безобѕирно управувале со возилата, односно возеле пребрзо или биле пијани зад воланот. Просечно тоа се по 5 одземени автомобили дневно, пренесе Плусинфо. Мерката одземање на возилото се применува од 1 февруари, согласно последните измени на Кривичниот законик.

Дали и кога возилото ќе се врати на сопственикот? 

На социјалните мрежи се отворија прашања дали одземањето на возилата е трајно или привремено и која е постапката за да им бидат вратени на сопствениците. Граѓаните се прашуваат колку долго ќе трае постапката за враќање на возилата и дали во Обвинителството ќе им се даде приоритет на овие предмети, со оглед дека судовите за да донесат одлука, прво треба да добијат обвиненија за сторителите на кривичните дела во сообраќајот.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека полициските службеници го одземаат возилото по насоки на јавен обвинител, а натамошната постапка е во надлежност на Јавното обвинителството и на судовите.

  • Возилата се одземаат согласно членовите 297, 297-а и 300-б од Кривичниот законик. Во периодот од 01 до 18.02.2026 на територија на целата држава по насоки на јавен обвинител се одземени вкупно 96 возила. На сопственикот на возилото му се издава потврда за привремено одземени предмети – велат од МВР за Плусинфо.

Полицијата врши привремено одземање и во други случаи

Трајното одземање се врши согласно член 300-б од Кривичниот законик и тоа е во надлежност на Јавното обвинителство и на судовите, додаваат оттаму. Од полицијата велат дека вршат и привремено одземање на возилата, согласно член 344 од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата и тие основи се поинакви отколку кога се одземаат согласно Кривичниот законик.

  • Привремено одземање се врши кога не е продолжен рокот на важност на сообраќајната дозвола и кога е утврдена техничка неисправност на возилото. Полициски службеник може привремено да го одземе возилото до утврдување на техничка исправност, но не подолго од 3 работни дена. Доколку се утврди техничка неисправност што предизвикува голема бучава или кога сообраќајната дозвола е со изминат рок од 6 или повеќе месеци, возилото се одзема во времетраење од 90 дена – велат од МВР.

Ако одземеното возило биде оштетено, надлежните ќе ја покријат штетата

Во моментов, додаваат од МВР, одземените возила се чуваат на паркинзите на полициските станици, а понатаму ќе се чуваат на места и на локации коишто ќе бидат одредени од Обвинителството. На прашањето дали полицијата ја гарантира заштитата на одземените возила, како на пример од кражби, временски непогоди и други случаи во кои може да настане нивно оштетување, од полицијата одговорија дека доколку се утврди дека оштетувањето настанало при транспортот или при чувањето на автомобилите во депото, надлежните ја покриваат штетата.

  • При одземање се изготвува фото-документација за состојбата на возилото. Сопственикот се повикува со писмена покана, а возилото му се враќа со издавање потврда за вратени предмети. Преземањето се врши со шлеп-служба – додаваат од МВР.

Оттаму не одговорија на прашањето дали сопственикот на одземено возило откако ќе добие право да си го земе назад, ќе треба да плати лежарина за онолку денови колку што возилото било одземено и колку пари изнесува лежарината.

Обвинителството гони за кривичното дело

Од Јавното обвинителство објаснуваат дека врз основа на одредбите од член 300-б од Кривичниот законик, предвидено е одземање на моторно возило како предмет со кој е извршено кривичното дело, а условите за одземање се наведени во членот 100-а од Кривичниот законик.

  • Членот 300-б предвидува задолжително одземање на моторно возило или можност за одземање на возилото во зависност од условите под кои е сторено делото. Привременото одземање на предметите со кои е извршено кривично дело додека трае постапката може да се изврши врз основа на наредба на јавен обвинител, но и од страна на правосудната полиција. По спроведената постапка, Судот во одлуката која ќе ја донесе одлучува и по однос на одземените предмети – велат од Обвинителството.

За враќање на возилото ќе одлучуваат судовите

Од Кривичниот суд Скопје најавија дека во наредните денови ќе дадат статистика за тоа дали веќе почнале да ги процесираат кривичните дела во кои како мерка им се одземени автомобили на граѓаните, односно, дали веќе кај нив пристигнале некои обвиненија од Јавното обвинителство.

  • Со оглед на фактот дека предметите поврзани со новиот безбедносен систем за сообраќајни прекршоци во судот почнаа да се процесуираат неодамна и се во фаза на процесирање, во текот на следната недела ќе излеземе со официјална статистика – одговорија од Кривичниот суд на прашањата на Плусинфо.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Трагедијата во Кочани засекогаш ќе остане врежана во колективното сеќавање

Премиерот нагласи дека една година по трагедијата , нашата обврска е да се сеќаваме и да покажеме дека општеството и институциите се способни да учат од трагедиите и да изградат посилен, побезбеден и похуман систем.

Муцунски: Успешно помогнавме во евакуација на наши државјани и на странски

Државата денес покажува институционален капацитет брзо и ефикасно да реагира во кризни ситуации, да ги заштити своите граѓани каде и да се наоѓаат, но и да им помогне на пријателските држави

Стојановски: Минималната плата ќе порасне толку колку ќе се договарат работодавачите и работниците

Усогласувањето на минималната плата потребно е да се изврши преку социјален дијалог, да се договарат синдикатите и работодавачите на двопартитен дијалог, а Владата ќе ја поддржи одлуката.

По Јутјуб и Вимео го избриша документарецот на ИРЛ поради кражба на авторски права

,,Истражувачката лабораторија” која според преходна судска пресуда не смеела да се претставува како медиум се обидела видеото со украдени материјали да го објави на друга видео мрежа

To top