Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ одамна не е омилен во Софија поради отворената поддршка за Македонија и осудата на неправдите кон неа на евроинтегративниот пат, а од пред некој ден во тоа својство му се придружи и неговиот црногорски колега Јаков Милатовиќ.
Со наслов „Црногорскиот претседател се вклучи во пропагандата на Скопје против Бугарија“, агенцијата БГНЕС се осврна на изјавите на Милатовиќ при посетата на Македонија пред неколку дена, обвинувајќи го дека „јавно ги повтори сите манипулации и лаги што режимот во Скопје ги шири во врска со европските интеграции“.
Во поткрепа на „обвинението“, БГНЕС ја цитира изјавата на Милатовиќ, во која зборува за Македонија без „Северна“ и за Македонците како браќа.
„Мислам дека на Македонија ѝ е нанесена голема неправда во процесот на европска интеграција. Дека тоа е земја која, како што рековте, доби статус на кандидат одамна во 2005 година, дури и пред Црна Гора да ја врати својата независност. Сепак, честопати билатералните односи меѓу Македонија и соседите на Македонија беа главната пречка на патот на Македонија кон ЕУ. И токму поради оваа причина, морам да кажам овде, во името на македонските граѓани, наши пријатели, искрени пријатели, дека во Црна Гора ги доживуваме Македонците како браќа. И ова не е став на претседателот на Црна Гора, ова е став на обичен човек во Црна Гора, имено, дека на сите нас ни се чини дека на Македонија навистина ѝ е нанесена неправда и дека Македонија честопати, како што реков, била заложник на одредени билатерални односи, а понекогаш и на непотребно големи барања на своите соседи во опкружувањето. Но, знаете, светот во кој живееме не е секогаш фер“, е исказот на шефот на црногорската држава што го посочува агенцијата како крунски аргумент за неговата антибугарска позиција, според неа.
Вториот аргумент на БГНЕС се комплиментите од Милатовиќ за претседателката Гордана Силјановска и за Владата на Христијан Мицкоски.
„Мислам дека имате добар претседател, мислам дека имате способна влада. Во секој случај, македонските граѓани, македонските донесувачи на одлуки, најдобро ќе знаат како да пристапат кон сето ова. Она што го кажав денес, и во презентацијата, и во обраќањето пред студентите на Универзитетот во Скопјe заедно со претседателот, мислам дека ќе имате избор дали сакате да бидете во право или сакате да станете членка на Европската Унија. И тоа е изборот што го имате“, рече Милатовиќ.