„Прво ова е работа којашто жителите на улица „50-та Дивизија“ ја имаа побарано од Општината Центар пред повеќе од три години, за што имаат собрано и свои потписи кои ги имаат доставено, така што мене исто така ме интересира зашто дури сега СДС и Општината ова го земаат предвид, а и бараат пари од Владата“, рече Попов.
Пратеникот Попов истакна дека Општина Центар има инкасирано најмногу пари по основ на комуналии за издадени дозволи за градба, при што потсети дека во моментот во општината има над 50 активни градилишта и тој смета дека општината треба и може, сама, да ги реализира ваквите проекти.
„Општина Центар е една од, можеби, најбогатите општини во државата и општини коишто имаат најмногу пари собрани по основ на комуналии за издадени дозволи за градба. Само во моментов имаме над 50 активни градилишта во општината, со платени комуналии, така што мислам дека Општина Центар треба и мора да може сама да реализира вакви проекти“, кажа Попов.
Попов, истакна дека само преку вториот повик на Владата за Општина Центар биле доделени средства како за реконструкција на повеќе улици така и за реконструкција на спортската сала на КК Работнички. Пратеникот Попов се надополна и посочи и на состојбата во која се наоѓа општината Центар, како резултат на 14 годишното владеење на СДС, а општинската власт ја оцени како неспособна за реализација на сериозни проекти.
„Општина Центар е и тоа како потпомогната од страна на Владата, односно само преку вториот повик доделени се 106 милиони и 400 илјади денари од Министерството за транспорт за реконструкција на повеќе улици, како што е „Ленинова“, како што е „Коста Смирненски“, „Коле Неделковски“, како што е партерното уредување на Блокот 1 на Градскиот ѕид, како што се 90-те милиони денари дадени од Министерството за спорт за реконструкција на спортската сала на Кошаркарскиот клуб Работнички“, рече Попов и додаде:
„ Општина Центар после 14 години владеење на СДС практично и да не е способна да реализира посериозен проект во својата општина, освен некакви настани, јас би ги нарекол Бувљак пазари и цртање мурали и слично, и сметам дека Општина Центар, како срцето на Скопје, како општина којашто се бетонизира можеби најмногу во државата и се наплаќаат комуналии најмногу во државата, треба и мора да биде способна да реализира вакви проекти“.
Попов на крајот истакна дека ова прашање било и дел од дискусиите на седниците на Советот на Општина Центар, поставувано од страна на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и уште еднаш посочи дека вака поднесените амандмани укажуваат на некапацитетноста на Општина Центар за реализација на вакви проекти.
„Реконструкцијата на оваа улица била дел од дискусиите и на Советот на Општина Центар, на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и било поставувано ова исто прашање, зашто не се реагира, така што мислам дека се доведува сериозноста на општината во прашање, преку поднесување на вакви амандмани и докажување дека Општина Центар нема капацитет да реализира ниту една ваква улица“, дециден е Попов.