Пишува Драган Милосављевиќ
Ситуацијата е врвка. Некогаш силната, а сега испустена опозициска партија ги урива сите мостови меѓу себе и гласачкото тело. Уште полошо, меѓу себе и реалноста. Раководствто на СДСМ одбива да го види она што се гледа од вселената, дека ужасно длабоко е потонато во безидејност, некадарност, политичка недугавост, автодеструктивен инает кој полека се отелотврува во соголено национално предавство. Изборот на (не)кадри за раководни позиции, изборот на теми за дискусија, изборот на непријатели, комичната ароганција, баналноста и пренамагањето, никој не може да им ги забрани, се разбира, но стануваат реално напорни за гледање и слушање. Притоа не мислам на понудата од идеи, туку на несериозноста, дури инфантилноста со која се настапува на јавната сцена, со сета провокаторска нагласеност која како да излегува од умот на едно 12 годишно дете.

И овде, според мене, доаѓаме до една крајно необична ситуација. Медиумите, дури и тие што раководството на СДСМ отворено ги мрази, по сите правила и стандарди ги пренесуваат прес-конференциите, соопштенијата за јавност, изјавите кои од „Бихаќка“ ревносно се штанцаат на дневна основа. Партиите од владејачката коалиција упорно одговараат на сите прозивки, излегуваат на мегдан по дебатни емисии со сдсмовските првенци, се објаснуваат и докажуваат. Аналитичари се обидуваат да најдат рационално објаснување на гужвата од неповрзани мисли во хаотичните соопштенија на СДСМ, во настапите на Јон и Љубомир Фрчкоски, Андреј Жерновски, Ана Чупевска и Венко Филипче исполнети со лаги, детски инает и иритантна некултура. Последниот испад на Филипче кој на премиерот му се обраќа со идиот, а на внатрешната опозиција и се заканува со газење како жаби, е многу индикативен во тој правец. А целото општество и натаму ги третира како сериозна политичка опција, барајќи суштина онаму каде што одамна нема, за жал, токму и баш ништо.
Некако природно доаѓаме на прашањето до кога вака? Ако некој, по сопствен избор, одлучил да се однесува како разгалено, дрско и безобразно детиште, зошто општеството би требало да го третира како возрасен човек со интегритет и достоинство? До кога би требало да им се придава поголемо значење од она што навистина го имаат? Па свои соопштенија, јавни настапи, пресови и слично имаат и други партиички со секакви луди идеи, понуди и ветувања, ама на никој не му е гајле, зар не? Да, ќе бидат регуларно пренесени од медиумите, таму некаде пред временската прогноза или на сајтовите во рубриката „верувале или не“ и толку. Токму колку што вреди нивниот реален допринос кон политичкиот живот во земјава. Се прашувам, дали е време општеството природно да ги регулира работите во овој чесен правец и да се самозаштити од деструктивната намера на едно поразено друштво по секоја цена својата сопствена пропаст да и ја прикачи како камен на вратот на целата нација. Впрочем, се си има граници, па зборот игнор можеби ќе биде најсоодветен како привезок на сите идни дејанија од партијата која самоволно ита кон залез.
Се разбира, кога (и доколку) СДСМ повторно се врати во нормалниот политички дискурс, јавноста ќе треба повторно да им даде шанса и да започне со внимание и респект да ги третира нивните политички идеи и ставови.