
Денешната политика на Грција и забраните на македонскиот јазик, па и на месни панаѓури, дури и спречувањето да се пеат песни на македонски јазик, се, всушност продолжување на политиката на нивниот генерал Метаксас, само во друго „подемократско пакување“, пред кое бриселските либерални елити, олицетворени во Европската Унија, не само што замижуваат туку и директно го поддржуваат, барајќи целосно спроведување на Преспанскиот договор. Преспанскиот договор е стопроцентен „концентрат“ на сиот геноциден и идентитетски фашизам на Метаксас и многу други грчки политичари врз Македонците во сопствената татковина Македонија и врз Македонците во егејскиот дел на Македонија, денес во Грција
Политиките на Атина за етничко чистење на Македонците и големата колонизација на Егејска Македонија со негрчко население од Турција и Азија
По Балканските војни (1912-1913) и Првата светска војна (1914-1918), особено по договорите за мир во Лозана (1923), каде што централно место доби македонското прашање, започна големото етничко чистење на Македонците од егејскиот дел на Македонија, чиј број во 1912 година изнесуваше 374 илјади. Во егејскиот дел на Македонија грчката држава насели 618 илјади лица од грчко и негрчко потекло. Ова етнички разнородно население, кое беше колонизирано во егејскиот дел на Македонија во периодот меѓу двете светски војни, потекнуваше од други делови на Грција, Мала Азија, Црноморјето, Кавказ, Западна Тракија, Бугарија и тн. По големата грчка колонизација, македонскиот јазик го смени својот историски статус. Од најупотребуван јазик го доби статусот на јазик на малцинство, или статус на „семеен јазик“ во својата родна земја. По големите етнички промени и грчкиот јазик го смени својот статус. Од јазик на малцинство доби статус на најупотребуван јазик.
„Јазичен данок“ за секој изустен збор на македонски јазик, кој бил забранет, омаловажуван и сметан како „варварски јазик“
Врз основа на грчкиот јазик, сега, пред сѐ преку мешовитите бракови, се формираше и се развиваше новата грчка нација во егејскиот дел на Македонија. Со колонизирањето на ова население, кое Македонците го нарекуваа „маџири“ (странци, туѓинци), егејскиот дел на Македонија го загуби својот македонски етнички карактер. Македонците (240.000) станаа веќе малцинство, а како мнозинско население беа присутни само во западниот дел на Егејска Македонија (Костурско, Леринско и Воденско). По големата колонизација грчката држава во 1926 година донесе закон, со кој се менува топонимијата на егејскиот дел на Македонија. Сите села, градови, реки, планини беа преименувани и добија грчки имиња. Сето ова грчката држава го постигна со политика на државен терор. Уште од Втората балканска војна (1913), Грција го почна етничкиот геноцид врз македонскиот народ. Суровоста на грчките војници кон македонското население беше немилосрдна. Со катастрофалната поделба на етнојазичната територија на Македонија и на националното тело на македонскиот народ со Букурешкиот договор од 1913 година грчката држава почна да спроведува активна политика на денационализација и асимилација на Македонците.
Македонското име и македонскиот јазик беа забранети, а Македонците беа именувани како „Бугари“, „Славофони-Грци“ или како „ендопи“ (домородци). Сите Македонци беа принудени да ги изменат имињата и презимињата и македонските презимиња требаше да завршуваат на ,,-ос“ или ,,-пулос“. Со непризнавањето на македонската нација не се признаваше ни македонскиот јазик. Тој беше забранет, омаловажуван, сметан како „варварски јазик“, недостоен за еден културен и цивилизиран граѓанин. Строго се забрануваше неговата употреба во меѓусебната комуникација, меѓу родителите и децата, меѓу селаните, на свадби или на погребни ритуали. Прекршувањето на оваа забрана повлекуваше драконски казни: од морално и психичко малтретирање до „јазичен данок“ за секој изустен македонски збор. Истовремено, строго се забрануваше и писменото користење на македонскиот јазик, a македонската писменост се отстрануваше од црквите, спомениците и гробовите. Сите цркви беа именувани со грчки имиња.
Безуспешни беа мерките на фашистичкиот режим на Метаксас да го сотре македонскиот јазик во Грција
Врвот на нападите врз македонскиот јазик беше политиката на фашистичкиот генерал Јоанис Метаксас (1936). Тој го забрани користењето на македонскиот јазик не само во секојдневниот живот во селото, на пазарот, во обичната и природна човекова комуникација, на погребните ритуали, туку и во рамките на семејството. Истовремено, возрасните Македонци, без разлика на староста, беа принудени да ги посетуваат т.н. „вечерни училишта“ и да го учат „мелозвучниот грчки јазик“. Поради кршењето на забраната за користење на македонскиот јазик во селото, на пазарот или во тесниот круг на семејството, голем број Македонци беа осудени и депортирани по грчките пусти острови. Со воведувањето на фашистичката диктатура на генералот Јоанис Метаксас во 1936 година во Грција за македонскиот народ од Егејска Македонија, започнал еден од најтешките историски периоди. Диктатурата на Метаксас траела од август 1936 година до неговата смрт во април 1941 година.
Со неговото доаѓање на власт, во контекст на целите на грчкиот режим за засилување на грчкото национално чувство, задолжителната асимилација на Македонците била сметана како неопходен предуслов за остварувањето на овие цели. Своите цели спрема Македонците режимот почнал да ги остварува со забраната за употреба на македонскиот јазик, јавно и приватно. Во таа насока е и доверливата директива бр. 122770 од 1936 година, испратена од генералниот гувернер на Северна Грција до сите локални совети да се придржуваат до мерките на забрана за употреба на македонскиот јазик.
Оние што биле забележувани како зборуваат на македонски јазик биле казнувани со пиење рициново масло, затвор или внатрешен прогон. Се смета дека во периодот 1936-1940 година поради употребата на македонскиот јазик биле казнети, затворени или прогонети околу 5.250 Македонци.
Но, мерките на грчките фашисти и на генералот Јоанис Метаксас преку јазичниот, духовниот и физичкиот геноцид да ги сотрат Македонците во Егејска Македонија не дале резултат, туку, напротив, уште повеќе го засилиле отпорот да се зачуваат македонскиот идентитет и јазик. Дури и во затворите Македонците давале силен отпор за зачувување на својот национален идентитет.
(продолжува)
(Во подготвувањето на оваа статија се користени книгата на Донче Тасев „Македонците во Грција“ од 2011 година и научната студија „Македонија и односите со Грција“ на Македонската академија на науките и уметностите од 1993 година. Авторот изнесува во оваа статија согледувања од сопствена објективна политиколошко-лингвистичка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Ставовите на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)