Македонија

Специјалната противтерористичка единица „Тигар“ – 45 години во служба на безбедноста на татковината Македонија и граѓаните, симбол на врвна професионалност и храброст!

„Денеска одбележавме 45 години од создавањето на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ – симбол на професионалност, храброст и врвна подготвеност на македонската полиција, напиша на фејсбук министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Денеска беа одбележани 45 години од формирањето на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи – една од најугледните полициски формации со највисока професионалност во Република Македонија. На одбележувањето се обрати министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој истакна дека во изминатите четири и пол децении САЕ „Тигар“ изградила репутација на врвна професионална единица, чија обученост, дисциплина и посветеност претставуваат гордост за Министерството за внатрешни работи и за целата држава.

„Специјалната антитерористичка единица ‘Тигар’ претставува еден од клучните столбови во безбедносната структура на Министерството за внатрешни работи. Оваа високоспецијализирана единица мора во секој момент да биде целосно подготвена – технички, професионално и човечки – за да одговори на најсложените задачи и операции“, истакна министерот Тошковски.

Тој нагласи дека САЕ „Тигар“ останува меѓу врвните приоритети на Министерството за внатрешни работи, при што ќе продолжат инвестициите во подобрување на условите за работа, модерна опрема и континуирана обука на припадниците на единицата. Министерот посочи дека припадниците на „Тигар“ се клучен дел од најсложените оперативни акции на МВР и се на првата линија во борбата против најтешките форми на криминал. Само во текот на 2025 година припадниците на единицата учествувале во 26 акции, обезбедувале повеќе десетици настани и реализирале 13 заеднички вежби со сродни полициски и армиски единици од земјата и странство, меѓу кои и со Зелените беретки од Армијата на Соединетите Американски Држави.

Покрај тоа, тие редовно учествуваат на обуки и натпревари на кои постигнуваат врвни резултати, а во рамки на спасувачките мисии само во изминатата година спасиле пет повредени лица. Во своето обраќање министерот Тошковски истакна дека најголемата сила на единицата се нејзините припадници – нивниот професионализам, знаење, интегритет и пожртвуваност. „Успешните операции, богатото искуство и високите стандарди што ги постави ‘Тигар’ се обврска за сите нас тие стандарди не само да ги зачуваме, туку и постојано да ги унапредуваме“, нагласи Тошковски.

Тој упати честитка до сите припадници на единицата по повод јубилејот, изразувајќи уверување дека САЕ „Тигар“ и во иднина ќе продолжи да биде симбол на професионалност, храброст и врвна подготвеност во служба на државата и граѓаните. Припадниците на САЕ „Тигар“ презентираа и видео-преглед на активностите на единицата во текот на 2025 година. По тој повод, во рамки на одбележувањето на 45 години од формирањето на единицата, беа доделени плакети, благодарници и награда за најдобриот припадник на Единицата за 2025 година. Исто така, плакети им беа врачени на припадници за 15 и 25 години служба во единицата, како и на соработници и пријатели на единицата.

Во текот на денот делегации на министерот за внатрешни работи, директорот на Бирото за јавна безбедност, семејства на загинатите припадници од Оддделот за специјални полициски операции и други делегации положија свежо цвеќе пред спомен-обележјето на САЕ „Тигар“, во чест на хероите кои ги дадоа своите животи извршувајќи ја најсветата дожност – да ја бранат татковината и безбедноста на граѓаните.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Достигнат е БДП од 20 милијарди долари, целта е 22 милијарди! – Опозицијата би се радувала РМ да потоне во нивното политичко мочуриште!

Податоците на Државниот завод за статистика за конечните бројки за 2024 за растот на бруто домашниот производ и ревидираните бројки за 2025 се во нагорна линија од 3,8 отсто, со што Владата ја постгна поставената цел до крајот на мандатот номиналниот бруто домашен производ да биде 20 милијарди долари, сега цели кон 22 милијарди долари, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Средба Муцунски-Клеин: Непрестаен развој на односите и одличната соработка меѓу Македонија и Унгарија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски денеска оствари средба со новоназначениот специјален пратеник на Министерството за надворешни работи на Унгарија за Западниот Балкан, амбасадорот Андраш Клеин.

Битолчанка и Естонец измамиле стотици граѓани 

Во периодот од декември 2025 година до април 2026 година, преку мобилна апликација и со ветување за наводни добивки навеле голем број граѓани од целата држава да вложуваат финансиски средства на лажна интернет платформа

To top