Македонија

Шекеринска: Русија ќе остане закана и кога ќе стивне оружјето во Украина

Заменичката генерална секретарка на НАТО и ексминистерка за одбрана на Македонија во посета на Бугарија

Русија останува најдиректна и долгорочна закана за нашата безбедност, заедно со тероризмот, изјави заменичката генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, на јавното предавање во Централниот воен клуб во Софија, организирано од претседателот на Атлантскиот клуб, Соломон Паси, а присуствуваа и амбасадорката на Украина, Олесја Илашчук, политичари и јавни личности.

Според Шекеринска, целта на земјите-членки на НАТО е да спречат, да се подготват и да се заштитат од оваа закана, потсетувајќи на рускиот напад врз цивилите и цивилната инфраструктура во Украина пред неколку дена со 800 беспилотни летала, заклучувајќи дека ова е индикација оти Путин не е заинтересиран за мир.

Според поранешната министерка за одбрана на Македонија, НАТО е фокусиран на обезбедување на Украина со она што ѝ е потребно за да се одбрани и да ја одврати агресијата во иднина. Сојузниците на НАТО обезбедуваат 99 отсто од целата воена поддршка на Украина.

Таа ги истакна напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Украина. Средбата минатиот месец во Белата куќа меѓу Трамп, Зеленски, генералниот секретар на НАТО и голем број европски лидери беше силна демонстрација на нашето единство, но и на нашата решителност, додаде Шекеринска. Таа, исто така, ѝ се заблагодари на Бугарија за нејзината силна поддршка за Украина, како и за сојузниците – да продолжат со оваа поддршка, особено во обезбедувањето клучна воена опрема – системи за воздушна одбрана, оклопни возила, ракети, лесно оружје, муниција.

Дури и кога оружјето конечно ќе замолкне во Украина, долгорочната закана од Русија ќе продолжи, истакна Шекеринска, посочувајќи на соработката меѓу Русија и Кина во областа на производството на оружје, како и нејзините контакти со Иран, Северна Кореја и Белорусија.

„Без оглед на тоа како ќе заврши оваа војна, Русија ќе остане дестабилизирачка сила во Европа и во светот. Затоа, сите треба да ги зголемиме нашите инвестиции, да трошиме повеќе за одбрана и безбедност. Го поздравувам фактот што Бугарија се обврза и го исполни ветувањето од 2 отсто од БДП дадено пред години. Мило ми е што практично сите сојузници го направија тоа оваа година, но особено го ценам тоа што Бугарија се обврза да достигне вкупно 5 отсто од БДП до 2035 година. Ова не се трошоци заради трошоци – ова се инвестиции во нашата безбедност“, рече Шекеринска.

Најнови вести од: Македонија

Николоски: Македонија да ѝ се приклучи на иницијативата „Три мориња“ заради геостратешкиот интерес

Јасни се новите геополитички текови во светот и треба да бидеме паметни, нашата дипломатија да ја фати иницијативата „Три мориња” на нејзиниот зародок како геостратешки интерес на државата, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на панел-дискусијата „Транспортни коридори – геостратешки предуслов за економски просперитет и безбедносна архитектура во Југоисточна Европа – иницијатива 3 мориња”, што се одржа во Стопанската комора

Судење за „Пулс“: Инспекторка утврдила нова фирма, но не направила нова контрола поради „немање влијание врз животната средина“

На денешното судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани сведочеше инспекторка за животна средина во Општина Кочани, која истакна дека во 2022 година утврдила оти објектот работи под друго правно лице, но не извршила повторен надзор бидејќи сметала дека станува збор за субјекти што немаат влијание врз животната средина

Најнови вести

To top