Македонија

Сиљановска-Давкова: Македонскиот јазик е темелот на идентитетот, чувар на колективната меморија и мост, што нè води напред во иднината!

„Без мајчиниот јазик не можеме да бидеме ни луѓе, тој е како матична клетка на идентитетот и на културата. Овој ден е посветен на љубовта, негата, грижата и почитта на сите мајчини јазици кај нас и во светот зашто на мајчин јазик најлесно и најдобро се изразуваат радоста и тагата, чувствата и мислите.“ – истакна претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 февруари денеска во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Како што рече Сиљановска-Давкова, Мајчиниот е јазикот на којшто мајката прва го поздравила и му се израдувала на нашето раѓање, со зборот нè лекувала и бодрела, нè воспитувала. Кажа дека не им е лесно на околу 7.000 јазици на мали народи во светот затоа што се под притисок поради јазичната нерамноправност.

-Се соочуваме со јазични конфликти, имало и има јазична доминација, дури и јазичен империјализам. И затоа, кога исчезнува некој јазик, мора да знаеме дека згаснува нечиј живот, и тоа живот на цела нација, живот на многу луѓе, живот на многу мајки. И затоа треба битката за малите јазици да биде сериозна битка и затоа УНЕСКО тука има голем придонес. Јас се тревожам кога читам: ќе се почитува националниот и културниот идентитет и – се заборава. Не може така. Тоа е суштината. Нема поприродно нешто за мене од тоа да го сакаме, да го негуваме, да го чуваме мајчиниот јазик, но и да го почитуваме сечиј мајчин јазик како да е наш. Бидејќи токму таа енормна љубов нè обврзува истото да го мислиме и за другите. Почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност. Секој мајчин јазик што се говори кај нас е вреден дел од заедничкиот културен мозаик, зашто почитувањето и негувањето на сите заедници ќе ја зајакне културата на дијалогот и толеранцијата, ќе влее доверба и ќе создаде општество во кое различноста нема да ја доживуваме како нематената сила туку како сила што обединува, а не разделува, истакна Сиљановска-Давкова во обраќањето.

Таа додаде дека во овие непредвидливи времиња, кога големите сили се престојуваат, секогаш на удар се малите народи и малите јазици и дека одбраната е во рацете на говорителите на македонскиот јазик, но подеднакво и во рацете на институциите, професорите, учителите, лингвистите, медиумите.

-Мора постојано да си се потсетуваме дека јазикот е темелот на идентитетот, јазикот е чувар на колективната меморија и јазикот е единствениот мост што нè води напред во иднината. Во него се запишани искуствата на сите минати генерации, во него се вградени стремежите на оние што ќе дојдат по нас. Овој ден не е само повод за одбележување туку и потсетник за одговорноста што ја имаме кон јазикот како кон непроценливо културно наследство и богатство и како кон моќно миротворно оружје. Да си го развиваме, да си го унапредуваме мајчиниот јазик во образованието, науката, културата, во дигиталниот простор и да создаваме услови тој да продолжи да се развива во чекор со современиот свет. Внимателно и одговорно да го користиме во јавниот простор – во медумите, во секојдневниот живот, и да сториме сè за научно проучување и вложување во него. Не се само институциите што треба да се грижат, туку секој поединец со секој изговорен збор и напишана мисла, порача Сиљановска – Давкова.

Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска, во поздравното обраќање истакна дека многувековната борба за слобода, државност и признат македонски јазик нѐ научи на заемно почитување на различните култури и различните јазици. -Почитувањето на сопствените корени, традицијата и народната мудрост да ги преточиме во завештание за идните генерации со порака за толеранција, прифаќање и респект кон различностите. Големиот Петре М. Андреевски потсетува: „Без јазикот ќе си недостигаме самите на себе, оти само јазикот никогаш не нѐ оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме“. Зашто: „Јазикот е нашата татковина“ како што констатира Конески. Или: „Јазикот е наше духовно благо“ порачува Мисирков, рече директорката на Институтот.

За значењето на мајчиниот јазик зборуваше проф. Гоце Цветановски, автор на првиот Македонски етимолошки речник чиј прв том беше промовиран на крајот од минатата година. Тој рече дека прашањето за јазикот не е само лингвистичко туку е прашање на достоинство, идентитет и право на постоење и дека јазикот не е административна, туку духовна и културна категорија. -Јазикот е универзална човечка способност, но истовремено и најдлабока ознака на припадност. Тој ги поврзува луѓето во една заедница, ги врзува со историјата и со територијата… Јазикот не е само граматика и речник, тој е архива на културната меморија. Јазикот памети, понекогаш повеќе отколку што сме свесни ние. Во време кога идентитетите често се доведуваат во прашање, јазикот останува најстабилниот столб, кажа Цветановски.

На настанот во Институтот за македонски јазик по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик стихови од Конески, Шопов и Андреевски интерепретираше актерот Никола Ристановски. УНЕСКО во 1999 го прогласи 21 февруари за Меѓународен ден на мајчиниот јазик во чест на загинатите студенти од Источен Пакистан, денешен Бангладеш, кои во 1952 протестираа затоа што нивниот мајчин бенгалски јазик не беше признат за службен.

Најнови вести од: Македонија

Почина Волф Ошлис, амбасадорот на македонската кауза: Ако Европа ја изгуби Македонија, ќе се изгуби и себеси!

На 30 август 2026 година германските научни платформи објавија потврдена вест, која е повеќе од тажна за македонскиот народ и Република Македонија: уште на 18 август 2026 година почина професор доктор Волф Ошлис, германскиот и европски македонист со непроценливо значење на неговиот политичко-јазичен македонистички ангажман за македонскиот народ и јазик, за одбраната на националната, идентитетска, јазична, културна и историска засебност и самобитност на Македонците наспроти сите нивни негирања како народ. Неговата реченица: „Нема ништо полесно отколку да бидеш пријател на Македонија. Јас сум тоа од 1975 година…“ ја одразува неговата длабока професионална, но и лична, чувствена врска со македонската кауза, со Македонците и Македонија

Легендарниот македонски војвода Александар Турунџе пред да си стави јамка на вратот на 30.8.1905: Македонија ќе биде слободна!

„Личната трагедија на македонскиот револуционер, ајдутин, четник и војвода Александар Турунџев, кој е предаден на турските власти за 150 златници од свој сонародник, по што бил обесен на Ат-Пазар во Битола на 30 август 1905 година, освен што е симбол на она што многу често провејува низ македонската историја – предавството, многу повеќе е национален херој и симбол на борбата за слобода на македонскиот народ.Погубувањето на Турунџев се одвивало пред бројни сведоци, меѓу кои и неговата сопруга и нивните две малолетни деца, ќерка и син, кои биле принудени немо да го гледаат испуштањето на последниот здив на својот татко.“ – објави Македонската информативна агенција – МИА.

Штип е без вода: Филтер станицата исклучена, поради крајно големата заматеност од синоќешното невреме

Градот Штип од 14 часот е без вода за пиење. Филтер станицата се исклучи од цевководот на хидросистемот „Злетовица“ поради големата заматеност на водата која пристигнува од браната Кнежево, информираше на вонредната прес-конференција директорот на ЈП Исар Штип Александар Арсовски.

ЗНАМ го осудува глорифицирањето на воените злосторства

Движењето ЗНАМ најостро ги осудува воените злосторства случени на поранешните југословенски простори, вклучувајќи ги и хашките случаи во Македонија од 2001г., и секој обид за нивна глорификација, релативизација или оправдување

To top