Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска на маргините на Конференцијата на страните на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (COP31) во Анталија, оствари средба со претседателот на Република Австрија, Александер Ван дер Белен.

Во разговорот беа потврдени одличните македонско-австриски односи, втемелени врз заемна почит, пријателство и соработка, како и врз споделени европски вредности, стои во соопштението од средбата.

Сиљановска-Давкова изразила благодарност за принципиелната поддршка од Австрија на македонскиот евроинтегративен пат и за нејзината посветеност кон стабилноста, безбедноста и европската перспектива на Западен Балкан.

Соговорниците размениле мислења за иднината на европскиот проект и процесот на проширување на Европската Унија, при што беше нагласено дека неговата кредибилност се гради врз јасни правила, еднакви критериуми и заслуги, а европската перспектива мора да остане реална и достижна за земјите кандидатки.
Сиљановска-Давкова истакнала дека проширувањето не е само политичко и економско прашање, туку и безбедносно, особено во време на геополитички тензии коишто се закана за мирот во Европа.

Обајцата укажале на можностите за продлабочување на македонско-австриската соработка во економијата, енергетиката, климатските политики, образованието и културата.
На средбата била изразена подготвеност за интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво, а како конкретен чекор во таа насока било договорено да се реализира официјална средба меѓу двајцата претседатели.
Најнови вести
Кој тоа таму тресе од ракав на телевизија
За Ордановски Вучиќ е визионер кој отворил банка на жена која не му била сопруга (ВИДЕО)