Македонија

Сиљановска Давкова го осуди говорот на омраза во салата Македонија во Куманово

Недоветни навивачи пукаа со куршуми на омраза на нашите сограѓани Албанци, ама нè погодија сите

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова го осуди говорот на омраза во салата Македонија во Куманово на кошаркарскиот меч Македонија : Романија кога група млади луѓе членови на навивачката група Кумани користеа говор на омраза против Албанците.

Во објава со наслов ,,(Не)научена лекција” Сиљановска Давкова го осуди овој инцидент и потсети на воведот во овој говор на омраза кога во средината на јули, на мечот меѓу Шкендија и велшкиот шампион ТНС, се случија расистичките навреди кон гостинскиот фудбалер Арманд Оте.

 

,,Го шокиравме сиот спортски, но и поширок свет којшто со право запраша: Како е можно да се случи недоветен навивач емоционално да скрши врвен фудбалер до солзи, посегајќи по говор на омраза врз расна основа?

 

Срамот падна на сите: на домаќинот, на клубот, на присутните, на градот, на државата, на спортот! Логичниот заклучок беше: „Не смее да се толерира ваквото однесување на ниту еден стадион, во ниту еден спорт, никогаш и никаде“.

 

И… заради нашата, по кој знае кој пат, спортска неписменост, со право не стивнуваат реакциите на ужасниот инцидент на кошаркарскиот натпревар во Куманово, на којшто, неколкумина недоветни навивачи пукаа со куршуми на омраза на нашите сограѓани Албанци, ама нè погодија сите, па и себеси и, пак, сме засрамени.

 

Неспортски е да се злоупотребува спортскиот терен за „вежбање“ говор на омраза, навредување и сатанизација со отровни убиствени зборови – проектили!

По толку изгубени човечки битки на спортските терени, мора да кажаме јасно и гласно: Никогаш повеќе, каде и да сме, со кого и да се натпреваруваме, нема да дозволиме спортскиот терен да прерасне во гладијаторска навивачка арена.

 

Се разбира, првата лекција „како се навива“ се учи дома, а по неа се нижат други: во градинка, во основно, во средно, на факултет, во клубот, на натпреварот, во публиката”, пишува претседателката за инцидентот во Куманово.

 

Таа дава конкретен предлог.

 

,,Пред секој натпревар, да се упати предупредувачка порака до гледачите да ги исклучат лошите мисли и пораки, како што тоа го прават со мобилните телефони, ,,оти натпреварот не е битка до смрт, туку витешка борба до заслужена победа, дека од публиката се очекува бодрење, поддршка и охрабрување, а не навредување и повредување, дека треба да победи подобриот, но и да се почитува другиот, дека навивањето е награда, а не казна”, смета Сиљановска Давкова која потсетува дека срамот не е само на оние чии зборови повредуваат, зашто ги погодуваат не само оние во салата или на теренот, туку и оние што ги гледаат и слушаат заради нивниот неограничен домет.

 

,,Мора да ѝ се спротивставиме на навивачката омраза, да го култивираме и да го облагородиме навивањето, да учиме и да научиме како се навива, односно како не се навива, да ја засилиме битката против предрасудите и судири меѓу „ различните“, мора да се запознаеме и познаваме, мора да спречиме излив на омраза, да реагираме навреме, да лечиме дела од омраза, да ја санкционираме”, порачува претседателката и додава:

 

,,Страсното навивање никогаш не е навредливо и агресивно. Ни треба азбука на навивањето како спортско уживање, навивачко описменување, оти Пирова е спортската победа ако е проследена со физичка или говорна агресија”.

Најнови вести од: Македонија

Кој и зошто му го хакирал мејлот на главниот државен ревизор Максим Ацевски?!

Хакиран бил мејлот на главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, соопшти Државниот завод за ревизија. Можеби е некакво совпаѓање, но Ацевски само еден ден претходно, на 30 јули во интервју за ТВ 24 изнесе дека гостиварското јавно претпријатие „Водовод“ уште од 2007 година работи неодговорно и неефикасно, а неговата сметка во континуитет е блокирана.

Мицкоски за враќањето на пасошот на обвинетиот Марковски: Обвинител во Вишото обвинителство грубо манипулирал, соучесник е во ова, ќе има истрага!

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека го следи случајот со враќањето на пасошот на Борче Марковски, обвинет за злоупотреби од страна на Основниот суд во Струга, и посочи дека во него, како што истакна, „има груба манипулација од локален јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, кој е соучесник во овој процес“.

Армијата на Република Македонија доби 53 нови офицери, Мисајловски им порача: Ќе бидете чувари на мирот, стабилноста и безбедноста

Армијата на Република Македонија денеска доби 53 нови офицери на свечената промоција што се одржа на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. Промовирани беа 36 питомци од 26. класа, 16 слушатели од Курсот за стручно оспособување и усовршување на офицери за службите на Армијата, како и еден питомец, кој дипломирал на престижната Воена академија Вест Поинт во Соединетите Американски Држави.

Јачева- Улчар: Зад посебноста на македонскиот јазик стојат чувствата на македонскиот народ, но и аргументите на европската наука уште пред 120 години!

„Историјата на македонскиот јазик не ја испишувале само Македонците. Во неа своја трага оставиле и некои од најголемите европски лингвисти на своето време. Кога денес зборуваме за македонскиот јазик не смееме да заборавиме дека зад неговата посебност не стојат само чувствата на еден народ. Стојат и научни аргументи изградени многу пред создавањето на современите држави на Балканот. Историјата на македонскиот јазик не треба да се брани со пароли, туку со документи и факти, кои сведочат дека уште пред повеќе од еден век најугледните европски лингвисти го препознале она што денес некои сѐ уште се обидуваат да го негираат.“ – нагласува д-р Елка Јачева – Улчар, професорка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во својата објава на фејсбук со наслов „За посебноста на македонскиот јазик“.

To top