Македонија

Сиљановска Давкова – Милатовиќ: Традиционално пријателство, меѓусебна поддршка и заедничкa цел за членство во ЕУ

Претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова на денешната средба со претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ нагласи дека сѐ додека од нас ќе се бара исполнување дополнителни услови надвор од Копенхагенските критериуми ќе постои опасност да не се почитуваат основните вредности и принципи на ЕУ, без кои ЕУ се сведува на политичка и бирократска машинерија.

„Традиционално пријателство, меѓусебна поддршка и разбирање, како и заедничка стратегиска цел за членство во ЕУ ги карактеризираат македонско-црногорските односи.“ – ова е заклучокот од денешната средба на претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ во Цетиње. Претседателите разговараа за европската перспектива на Западниот Балкан, предизвиците со кои се соочува секоја од земјите на интегративниот пат, како и за можностите за нивно надминување.

Посочувајќи дека Црна Гора е земја-предводник во преговарачкиот процес со ЕУ, Милатовиќ изрази силна поддршка за секој направен исчекор во македонските интеграции. Денешното заедничко учество на Балканскиот форум за интеграција 2025, за него е препознавање на европскиот интерес за регионот и одлична можност за споделување на искуствата.

Како поборничка на регионалниот пристап во евроинтеграциите преку меѓусебна соработка и поддршка македонската претседателка Сиљановска-Давкова ја нагласи важноста да се градат добрососедски односи со отворен и искрен дијалог преку избегнување на ветото. 

На средбата Сиљановска-Давкова упати покана за возвратна официјална посета на Милатовиќ на Република Македонија. Тој ја прифати со задоволство.

Двајцата претседатели го посетија Музејот на Крал Никола во Цетиње.

Најнови вести од: Македонија

To top