Македонија

Силјановска-Давкова од Софија: Проширувањето на ЕУ мора да се темели врз Копенхагенските критериуми

Проширувањето на Европската Унија мора да се заснова врз Копенхагенските критериуми, а темпото на пристапување да зависи исклучиво од напредокот во спроведувањето на реформите, порача претседателката на Република Македонија Гордана Силјановска-Давкова на Самитот на шефови на држави и влади во рамки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржува во Софија, пренесе Македонската информативна агенција-МИА.

Обраќајќи се на пленарната седница „Компас кон стабилност, безбедност и одржливост“, Силјановска-Давкова се повика на мислата на бугарскиот писател Георги Господинов дека „кога вратите на иднината се затвораат, минатото станува единствената татковина“, предупредувајќи на потребата од дебалканизација преку европеизација. Таа нагласи дека европската интеграција претставува природна, геополитичка и безбедносна неопходност и оцени дека стабилен, просперитетен и европски Балкан е во интерес и на регионот и на Европа.

Претседателката на македонската држава повика на обновување на духот на регионалната соработка и враќање кон принципите, врз кои пред три децении беше воспоставен ПСЈИЕ. Според неа, предизвиците како иселувањето на младите, стареењето на населението, економското заостанување и сложените геополитички околности бараат одговорно и храбро лидерство, засновано на заеднички интереси и солидарност.
На затворениот состанок, Силјановска-Давкова истакнала дека успехот на секоја држава треба да се доживува како успех на целиот регион и дека натпреварот меѓу државите треба да биде во знаење, иновации, култура и економски развој, а не во блокади и поделби. Во заднината на Самитот претседателката на Македонија ќе оствари средби со потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, и со вршителката на должност претседател на Косово Албулена Хаџиу.

Самитот го отвори  Јотова, која истакна дека ПСЈИЕ има важна улога во зајакнувањето на регионалната соработка и добрососедските односи. Таа нагласи дека Бугарија отсекогаш го поддржувала европскиот пат на земјите од Западен Балкан, но дека членството во ЕУ подразбира исполнување на критериумите, конкретни резултати и почитување на европските вредности, особено човековите права. Процесот за соработка во Југоисточна Европа годинава одбележува 30 години од своето формирање. Во иницијативата членуваат 13 држави: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Молдавија, Романија, Македонија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора.

Најнови вести од: Македонија

Пред 35 години нè обедини сонот за слободна и независна Македонија

„Македонскиот народ покажа дека има храброст да чекори по својот пат, со крената глава и со вера во сопствената иднина. Нека и денес нè обединува љубовта кон Македонија“, порача ВМРО-ДПМНЕ во честитката

Денот кога народот кажа „Гласам за Македонија“ (ВИДЕО)

8 Септември 1991, е еден од најзначајните датуми во современата македонска историја – ден кога граѓаните, во услови на распаѓање на поранешната југословенска федерација, демократски ја избраа самостојноста како пат за иднината на државата

To top