Македонија

Сиљановска со дијаспората: Во животот можете да смените сè, само татковината не

Ние мораме да си ги задржиме врските, да бидеме во постојана комуникација, мораме да си ја повратиме дијаспората смета претседателката

Ние мораме да си ги задржиме врските, да бидеме во постојана комуникација, мораме да си ја повратиме дијаспората, а тоа ќе го сториме преку набрзо формирање на советот за дијаспора, со регистар на луѓето, им порача претседателката Сиљановска Давкова на македонските иселеници во Детроит при посетата на црквата „Света Богородица“.

– Посакувам да бидеме во постојана врска, бидејќи во светот има едно семејство што се вика македонско, а знам дека во животот сè може да смените само татковината не – истакна претседателката.

Таа укажа на фактот дека нашите луѓе можат да се натпреваруваат каде било, па и во најкомпетитивната Америка.

– И затоа замислувам дека многу би значело да си ги задржиме врските. Вие не секогаш сте заминале од дома заради натпревар, многупати и поради лошите услови дома, поради неможноста најдобрите да се најдат на највисоките позиции, некогаш и заради кариерата,  но сето тоа е пакт – рече Сиљановска Давкова.

Таа раскажа дека за време на престојот во САД имала можност да сретне многу успешни бизнисмени како и што е тоа што и се допаѓа кај нив.

– Кога ќе чуете луѓе како Крис Павлоски, на пример, којшто вели дека „Рамбл“ му е многу важен, ама сака неговиот син да знае да игра оро и го учи на тоа дека е Македонец, тоа ми влева надеж. Кога Мајк Зафировски летово побара со голема група луѓе да ме посети и тоа ми дава надеж дека ние ќе продолжиме заедно – рече Сиљановска Давкова.

Споменувајќи дека софрата подготвена од нашинците во црквата во Детроит со традиционални македонски јадења ја потсетила на детството, рече дека тоа е нешто што овие луѓе, во битката да го задржат неменливото на татковината и што го пренесуваат на своите деца значи дека на тој начин опстојуваме.

– Значи, каде и да сме ние тоа во нас македонското нема да го изгубиме. Неслучајно сме тоа што сме. Мораме тоа што сме го наследиле да им го пренесеме на своите деца ако сакаме да опстоиме, истакна претседателката Сиљановска Давкова.

Во однос на македонскиот јазик како наследство, таа посочи дека за нејзиниот говор во Обединетите нации, не само поради тезите, веројатно и поради мелодичноста на јазикот, многумина и кажале  дека звучел како песна.

– Тоа ми го потврди и претседателот на Светското лингвистичко здружение пред многу години. Ова ми се повтори затоа што и овде ги чув прекрасните наши дијалекти. Тоа е нешто што сме го наследиле, тоа е нешто што не прави посебни, тоа е нешто без што нема идентитет. Е, тоа јас се обидувам да им го објаснам на нашите европски пријатели – истакна Сиљановска Давкова.

Таа појасни дека се обидува да им објасни дека ние не бараме никаков ексклузивен статус, дека ние бараме да бидеме третирани како сите други.

– Ние бараме да си ги почитуваат сопствените стандарди. Но, мислам дека е многу тешко, не велам неостварливо – рече Сиљановска Давкова.

Се разбира, додаде таа, како што сите се горди на својот идентитет, на своите татковини, видов дека и вие сте. – Посакувам што почесто да се гледаме, да контактираме и да не ја заборавите татковината. Ви благодарам што се чувствувам како да сум дома – рече на крајот од обраќањето претседателката Сиљановска Давкова пред иселениците.

Таа заедно со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и македонската делегација присуствуваше и на литургијата во македонската црква во Детроит.

Отец Синиша Ристовски, по литургијата на која присуствуваше и митрополитот Американско-канадски Методиј, рече дека „денеска сме сведоци на историски момент, момент кој ќе остане во нашите спомени, момент кој сведочи дека лидерството, храброста и посветеноста кон народот не се само зборови туку дела кои го градат патот кон светлина, правда и мир“.

– Вашето присуство е повеќе од чест, тоа е симбол на визија, мудрост и сила на решителноста. Вие носете одговорност која инспирира доверба, почит и надеж секоја ваша одлука, секоја ваша иницијатива и моќ да ги преобрази животите, да ги осветли патеките на вистината и да создаде мостови на соработка и разбирање меѓу народите. Нека вашето лидерство биде симбол на достоинство, правда и духовна моќ, а вашата служба траен спомен на одговорност, почит и истрајност – порача отец Ристовски.

Претседателката го посети и неделното црковно училиште кое се наоѓа во дворот на црквата, а го посетуваат 120 деца на македонски јазик.

– Денеска кога го видов тој прекрасен амбиент со дечиња со книги токму во дворот на црквата, во куќата, во домот на црквата, сигурна сум дека имаме шанса да опстоиме  истакна претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Најнови вести од: Македонија

Над половина од семејствата со повеќе деца едвај крпат крај со крај

Просечно секој петти граѓанин во државата живее во сиромаштија, а според последните податоци на ДЗС за лани, стапката на сиромаштија во земјата изнесува 21,9 %. Најизразена е кај децата до 17 години каде процентуалноста пак достигнува 29,5 % што укажува на тоа дека речиси една третина од младите деца живеат во сиромаштија. Кај вработените лица, стапката на сиромаштија во 2024 година изнесува 7,9 проценти, што укажува на присуство на т.н феномен на „сиромашни вработени“ – лица кои и покрај тоа што имаат работа, остваруваат приходи под прагот на сиромаштија.

Шабани: Огромното мнозинство од младите во РМ воопшто не се заинтересирани за темите, за кои зборува Али Ахмети, „доживотниот цар на ДУИ“!

„Без нови личности и визија, ДУИ се изложува на опасност да остане во опозиција долго време. Конгресот на ДУИ произведе незадоволство, а не реформи. Лошото во врска со Конгресот на ДУИ е тоа што не со замина Али Ахмети, кој е главниот виновник за поразот на ДУИ на локалните избори одржани во октомври. А тој сака да остане цар, самовладетел во ДУИ до својата смрт! Огромното мнозинство од младите луѓе во земјата, особено оние родени по Охридскиот договор, воопшто не се заинтересирани за темите за кои зборува Али Ахмети.“ – се нагласува во анализата, која е објавена во весникот на албански јазик „Бота сот“ од Приштина, Косово со наслов „Поделба во ДУИ по изборот на раководството на Конгресот“.

Хаос во центарот на Скопје: „Сеат“ удри во три паркирани автомобили, контејнери, автомобили во движење и семафор

Вистински хаос се случил во петокот околу 12:30 часот на улицата Григор Прличев во Скопје, кога патничко возило „сеат“ предизвикало серија судири, оштетувајќи повеќе автомобили, контејнери и градска инфраструктура.

ДУИ со реакција за случајот со креветот

Премиерот сe уште нема побарано извинување за неоснованите и навредливи обвинувања што јавно ги упати кон албанските службеници во Министерството за меѓуетнички односи, со што ги навреди не само нив, туку и нивните семејства, велат од ДУИ.

To top