Македонија

Славески: Независноста на Народната банка е клучот за зачувувањето на довербата и финансиската стабилност

Гувернерот на конференција во Црна Гора

„Независноста на Народната банка е клучот за задржувањето на високото ниво на доверба и кредибилитет што институцијата го ужива во јавноста, особено во услови на зголемена неизвесност и високи ризици”, истакна гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески на високата конференција „Централното банкарство во услови на високи ризици: стабилност, инфраструктура и доверба”, организирана од Централната банка на Црна Гора по повод 25-годишнината од нејзиното основање.

Говорејќи за предизвиците со кои се соочуваат централните банки, Славески посочи дека последните кризи и геополитичките тензии покажаа колку се важни кредибилните политики, транспарентноста и јасната комуникација со јавноста. Тие се од суштинско значење за закотвувањето на инфлациските очекувања, стабилизирањето на финансиските пазари и ефикасното спроведување на монетарната политика. Ова е особено важно за малите и отворени економии како земјите од Западен Балкан, кои се силно изложени на светските економски и геополитички случувања. Затоа централните банки треба постојано да ја зајакнуваат својата отпорност, институционалниот кредибилитет и способноста за навремено справување со новите ризици.

Во панел-дискусијата „Кредибилитетот, просторот за водење политики и усогласувањето со ЕУ, во услови на зголемени ризици”, на која учествуваа гувернери од регионот, Славески се осврна на европската интеграција и економската конвергенција. Тој истакна дека централните банки треба уште повеќе да ги зајакнуваат монетарната и финансиската стабилност, институционалниот кредибилитет и отпорноста, како и да продолжат со усогласувањето со европските стандарди. Земјите кандидатки треба да ги продолжат структурните реформи што се клучни за зголемување на продуктивноста и подобрување на животниот стандард.

„Според процените на ММФ, со затворањето на половина од реформскиот јаз во однос на најнапредните економии од Централна, Источна и Југоисточна Европа би можело да се зголеми нивото на БДП на среден рок за околу 14%, за што најмногу би придонесле подобрувањето на пазарот на труд и човечкиот капитал, деловното окружување и квалитетот на управувањето”, истакна Славески.

Во контекст на европската интеграција, тој нагласи дека процесот на пристапување кон ЕУ треба да биде заснован строго на заслугите, со јасни критериуми и нивна доследна примена. Земјите кандидатки треба да бидат сигурни дека со исполнувањето на договорените критериуми целта ќе биде постигната и дека тоа ќе води кон следниот чекор.

Во услови на зголемена светска неизвесност, зачувувањето на независноста, кредибилитетот и довербата во централните банки е од суштинско значење за стабилноста на економиите и за создавање услови за одржлив економски развој.

Најнови вести од: Македонија

Стопанската комора бара посебен статус за транспортерите – нивно изземање од шенгенските ограничувања

Посебен статус за професионалните возачи и нивно изземање од шенгенските ограничувања што важат за туристите предлага Стопанската комора како решение за проблемот со македонските транспортери.

Мисирков: Македонците да имаат македонско гледиште, одделувајќи ги своите интереси од интересите на Бугарија – „лошиот демон за Македонија“!

„Бугарската надворешна политика е главниот извор на сите наши несреќи. Затоа не може и да се зборува за некакви арнотии од Бугарија за Македонија. … Македонци! Време е да се убедиме оти лошиот демон за Македонија не е никој друг освен Бугарија. Ете зошто треба час поскоро да си ги одделиме нашите интереси од бугарските..“ – нагласува авторот на „За македонцките работи“ Крсте Мисирков во својот реферат со наслов „Имат ли се нужда од македонцки национални научно-литературни другарства?“, кој го изнесува на денешен ден, на 28 септември 1903 година во Македонското научно-литературно другарство „Св. Климент“ во Санкт Петербург (тогаш Петроград). Тогаш идеологот на македонизмот Крсте Мисирков најдиректно ја формулирал идејата дека македонското прашање мора да има сопствен македонски глас. Истапувајќи на денешен ден пред 123 години како национален мислител од највисок ранг тој се залага Македонија да не биде предмет на туѓи политики, а Македонците сами да ја одредуваат сопствената национална и политичка позиција на Балканот – вонвременски завет и предупредување од исклучително значење во ова „евроинтеграциско време-невреме“ за македонскиот народ.

To top