Македонија

Словенечки вештак сведочи за несоодветни терапии во случајот „Онкологија“, судењето продолжува утре

На рочиштето словенечкото вешто лице Маја Равник сведочеше за медицинските наоди и за терапиите дадени на повеќе пациенти

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Онкологија“, каде што поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, заедно со уште двајца онколози, е обвинет за несовесно лекување пациенти. На рочиштето словенечкото вешто лице Маја Равник сведочеше за медицинските наоди и за терапиите дадени на повеќе пациенти.

Вештакот посочи дека кај една пациентка биле заведени три дијагнози, со истовремено лекување рак на ректум и рак на дојка, без јасна потврда за активната форма на болеста.

– Доколку се работи за прогрес на примарен рак, болеста се лекува како примарен рак. Доколку се случи пациентите да имаат два примарни рака, што се случува, тогаш е нужно да се констатира и да се потврди кој рак во моментот е активен и се лекува активната форма. Затоа во онкологијата е многу важно да се добие нов материјал од биопсија на метастази, со кои потврдуваме дали се работи за повторување на примарниот или може да се работи за друг тип на рак, а истовремено е потребно дополнително да се проверат и евентуалните промени на молекуларно ниво бидејќи во периодот до метастазирањето може да дојде до промена во самите основни карактеристики, кои се важни при одлучувањето за избор на терапија – нагласи Равник.

Таа истакна дека кај некои од пациентите била воведена имунотерапија, без претходна молекуларна анализа, што, според неа, е несоодветно и довело до прогресија на болеста.

– Со оглед на опишаната примена терапија, како и описот на проблемите на пациентката, можам да заклучам дека воведената терапија била несоодветна, болеста не била под контрола и тоа довело до дополнително влошување на состојбата заедно со прогресот на болеста – рече вештакот.

Во сведочењето беа наведени и примери во кои пациентите примале лекови што немаат индикации за конкретниот тип на карцином, како и случаи на давање хемотерапија во крајна фаза на болеста.

Равник одговараше на прашања на Обвинителството за соодветноста на терапијата што им се давала на конкретни пациенти, при што, според сведочењето, во најголем дел од случаите терапијата била несоодветна.

Бранителот на првообвинетиот Никола Васев, адвокат Боби Спирковски, во изјава за медиуми реагира на методологијата на словенечкото вештачење.

Тој посочи дека некои од заклучоците на вештакот се спротивни на основните принципи на медицинско и правно вештачење.

– Не смее да се користи фактот од отпусното писмо за денот на смртта на пациентот и да се коментира дека му е даден лек еден ден пред смртта, кој можеби ја влошил состојбата или бил причина за смртта. Таква методологија на вештачење е забранета – изјави Спирковски додавајќи дека лекарот во моментот на давање терапија не може да предвиди дали пациентот ќе живее уште неколку месеци или ќе почине следниот ден.

Адвокатот нагласи дека секое вештачење мора да се темели на националните протоколи и закони, а не исклучиво на европски или светски стандарди.

– Не можете да го базирате вештачењето на европски или светски протоколи игнорирајќи ја целосно легислативата на државата. Македонија има свои протоколи, објавени уште во 2015 година, и тие се задолжителни за секој лекар и секое вештачење – рече Спирковски.

Судењето продолжува утре со доказна постапка.

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и уште двајца онколози – Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти.

Постапка беше почната и против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина пред судот по што судот ја осуди на две години условна казна затвор.

Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба.

Покрај ова, против Васев и против поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службената положба и за проневера, со штета од над 2,2 милијарди.

Случајот го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Ана Гоговска-Јакимовска.

Најнови вести од: Македонија

Димитриеска-Кочоска: Состојбата со енергенсите во моментот е стабилна, ако има потреба ќе интервенираме

Во однос на критиките од опозицијата дека Владата доцни со мерките, министерката за финансии посочи дека состојбите сега се сосема различни од оние во 2022 година

Ифтарска вечера организирана од Владата, за Мицкоски момент на заедништво, почит и духовна поврзаност

Премиерот Христијан Мицкоски преку Фејсбук објава извести дека вечерва Владата организирала ифтарска вечера, која ја означи како момент на заедништво, почит и духовна поврзаност

Потпишан Анексот број 8 од Договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид

Договорот треба да се овозможи дозвршување на градежните работи на автопатот во изградба, при што се предвидуваат дополнителни 186 милиони евра и краен рок за завршување 31 мај 2027 година

(Фото): Катни гаражи, кружен тек, инвестиции во Скопје – градската каса потешка за 166 милиони денари

Советот на Град Скопје на денешната седница го усвои ребалансот на буџетот со кој се зголемуваат средствата за дополнителни 166 милиони денари, наменети за нови капитални инвестиции во градот. Според скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, овие средства се обезбедени како резултат на подобрата наплата и се резултат на домаќинско и одговорно работење, без ново задолжување

Дури 11 пријави за семејно насилство за само еден ден – што им се врти во умот на сторителите?!

Полицијата интервенирала во повеќе градови по серија пријави за семејно насилство и закани меѓу роднини и партнери. Четири лица биле приведени, двајца биле повикани на службен разговор, а за сите 11 случаи се преземаат мерки и ќе следуваат соодветни пријави. Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на сите случаи. По целосното документирање, против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.

To top