Македонија

СОЗР под лупа – се расчистува наследениот хаос во Владината служба за општи и заеднички работи

Реакција на СОЗР по ревизијата

Полека, но сигурно се расчистува хаосот во владината Служба за општи и заеднички работи. По серијата сериозни забелешки од Државниот завод за ревизија за лошо управување со државен имот, незаконско работење на бифеата и недостиг на контрола во 2024-тата, раководството на СОЗР тврди дека започнат е процес на средување на состојбите.

Ревизорскиот извештај откри дека институцијата не водела точна евиденција за имот вреден стотици милиони евра, со месеци не се издавале фискални сметки во владините бифеа. Под лупа се и вработувањата, како и набавката на службени возила на лизинг без јасна потреба и анализа.

Директорот Ивица Томовски, вели дека затекнал хаотична состојба во повеќе сектори, приоритет се легализациите на државниот имот кој припаѓаат на службата.

“Легализацијата за вилите Водно 1, 2 (претседателската и премиерската) веќе имаат имотен лист со трајно користење на Службата за општи и заеднички работи, додека на минатата седница на Влада помина и легализацијата на охридските вили, тоа се исто премиерска и претседателска и уште две вили кои што се во Свети Стефан” – вели Ивица Томовски, директор на СОЗР.

Ревизорите нотирале дека магацините на СОЗР се полни со застарени залихи. Станува збор за стока вредна околу 190 илјади евра. Иако по пописите за 2023 и 2024 година е предложено тие да се расходуваат, тоа се уште не е направено. Томовски вели дека процедурата за отпишување е во тек.

Во извештајот на ДЗР се вели дека  во владините бифеа се плаќало во кеш без фискални сметки и  со месеци не се уплаќал дневниот промет. Директорот на службата не открива детали само посочува дека надлежните рабоат на случајот.

“Да оставиме институциите да го решат овој случај па после тоа ќе дадеме можеби заедничка изјава“, изјави Томовски.

Директорот на инситуцијата смета дека треба да се размисли за набавка на нов блиндиран „мерцедес“ кој ќе ги задоволува критериумите за превоз на високи функционери.

“Да, доста е старо и можеби треба да се набави ново, не сме размислувале за таа работа меѓутоа кога ви доаѓаат специфични гости од странство вие мора да имате и такво специфично возило. Можам конкретен пример да дадам, премиерот Орбан кога беше во посета на Македонија во Охрид си донесе сам блиндирано возило“, рече Томовски.

Во однос на забелешката на ревизорите за стариот возен парк и лизингот на возила во Службата,Томоски рече дека Службата располага со 45 нови возила на лизинг и 220 стари возила од кои над 104 веќе се расходувани, но поголем број и од другите се за расходување. Дел од нив се користат за организирање настани.

Најнови вести од: Македонија

Весникот „Илинден“, гласникот на Македонците во Албанија – петнаесет години ѕвезда Деница за македонскиот збор

„Петнаесет години истрајност и посветеност – весникот „Илинден“ е жив хроничар на македонската заедница во Албанија, чувар на јазикот и културата и мост што ги поврзува генерациите и дијаспората низ светот. На 1 март 2011 година Македонското друштво ‘Илинден’ – Тирана го издаде првиот број на својот весник ‘Илинден’. Тој прв број, објавен како двоен (март/април), беше симболичен почеток на една медиумска приказна, која денес, петнаесет години подоцна, има 71 издание. Во текот на овие години, весникот не само што обезбеди континуитет и посветеност туку и изгради мостови меѓу заедниците – од Македонците во Албанија, преку читателите во татковината Македонија, па сè до дијаспората низ светот. Секое издание претставува сведоштво за една борба за видливост, за зачувување на јазикот и културата и за афирмација на македонскиот идентитет во услови на постојани предизвици.“ – пишува во статијата, која ја објави денес дневниот весник „Нова Македонија“.

Потпишан договор за изградба на паркинзи во Клиничкиот комплекс – Во првата фаза до втората половина на 2027 најмалку 500 паркинг-места

Министерството за здравство (МЗ) и Град Скопје го потпишаа Договорот за изградба на паркинзи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Договорот е на 15 години, со 10 отсто закупнина од вкупно остварениот промет. Во првата фаза е предвидена изградба на два современи монтажни паркинга, со најмалку 500 паркинг места, кои се очекува да бидат ставени во функција до втората половина на наредната година. Паркинзите ќе бидат, пред се, наменети за пациентите и за вработените во Клиничкиот центар. Планирано е едниот паркинг да биде кај Клиниката за гинекологија, а вториот кај црквата во Клинички. Како што најавија министерот за здравство Азир Алиу и градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски пред потпишувањето на Договорот, ако има потреба, ќе биде изграден и трет монтажен паркинг. Ако се утврди дека капацитетите овозможуваат да се паркираат и приватни лица, ќе се овозможи и тоа.

To top