Македонија

Специјалната противтерористичка единица „Тигар“ – 45 години во служба на безбедноста на татковината Македонија и граѓаните, симбол на врвна професионалност и храброст!

„Денеска одбележавме 45 години од создавањето на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ – симбол на професионалност, храброст и врвна подготвеност на македонската полиција, напиша на фејсбук министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Денеска беа одбележани 45 години од формирањето на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи – една од најугледните полициски формации со највисока професионалност во Република Македонија. На одбележувањето се обрати министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој истакна дека во изминатите четири и пол децении САЕ „Тигар“ изградила репутација на врвна професионална единица, чија обученост, дисциплина и посветеност претставуваат гордост за Министерството за внатрешни работи и за целата држава.

„Специјалната антитерористичка единица ‘Тигар’ претставува еден од клучните столбови во безбедносната структура на Министерството за внатрешни работи. Оваа високоспецијализирана единица мора во секој момент да биде целосно подготвена – технички, професионално и човечки – за да одговори на најсложените задачи и операции“, истакна министерот Тошковски.

Тој нагласи дека САЕ „Тигар“ останува меѓу врвните приоритети на Министерството за внатрешни работи, при што ќе продолжат инвестициите во подобрување на условите за работа, модерна опрема и континуирана обука на припадниците на единицата. Министерот посочи дека припадниците на „Тигар“ се клучен дел од најсложените оперативни акции на МВР и се на првата линија во борбата против најтешките форми на криминал. Само во текот на 2025 година припадниците на единицата учествувале во 26 акции, обезбедувале повеќе десетици настани и реализирале 13 заеднички вежби со сродни полициски и армиски единици од земјата и странство, меѓу кои и со Зелените беретки од Армијата на Соединетите Американски Држави.

Покрај тоа, тие редовно учествуваат на обуки и натпревари на кои постигнуваат врвни резултати, а во рамки на спасувачките мисии само во изминатата година спасиле пет повредени лица. Во своето обраќање министерот Тошковски истакна дека најголемата сила на единицата се нејзините припадници – нивниот професионализам, знаење, интегритет и пожртвуваност. „Успешните операции, богатото искуство и високите стандарди што ги постави ‘Тигар’ се обврска за сите нас тие стандарди не само да ги зачуваме, туку и постојано да ги унапредуваме“, нагласи Тошковски.

Тој упати честитка до сите припадници на единицата по повод јубилејот, изразувајќи уверување дека САЕ „Тигар“ и во иднина ќе продолжи да биде симбол на професионалност, храброст и врвна подготвеност во служба на државата и граѓаните. Припадниците на САЕ „Тигар“ презентираа и видео-преглед на активностите на единицата во текот на 2025 година. По тој повод, во рамки на одбележувањето на 45 години од формирањето на единицата, беа доделени плакети, благодарници и награда за најдобриот припадник на Единицата за 2025 година. Исто така, плакети им беа врачени на припадници за 15 и 25 години служба во единицата, како и на соработници и пријатели на единицата.

Во текот на денот делегации на министерот за внатрешни работи, директорот на Бирото за јавна безбедност, семејства на загинатите припадници од Оддделот за специјални полициски операции и други делегации положија свежо цвеќе пред спомен-обележјето на САЕ „Тигар“, во чест на хероите кои ги дадоа своите животи извршувајќи ја најсветата дожност – да ја бранат татковината и безбедноста на граѓаните.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Ние сме Влада, избрана од народот, и се однесуваме во корист на граѓаните – нафтените деривати поефтинуваат денес за околу 2,5 денари!

За околу 2,5 денари по литар се очекува да бидат намалени цените на нафтените деривати во земјата, откако Владата и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини договорија попуст со најголемиот снабдувач, компанијата ОКТА, информира денеска претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски.

Лишен од слобода М.Р. (18), кој испраќаше закани дека ќе постави бомби и ќе убива во средното медицинско училиште во Тетово!

Вчеравечер, на 12 март 2026 во СВР Тетово, неколку професори од Средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово, пријавија дека добиле информации од родители на ученици, оти М.Р. праќал пораки до учениците, заканувајќи се дека ќе постави бомби и ќе изврши убиства во училиштето.

На Параолимписките Зимски Игри Милано Кортина 2026, „Победничката селфи – фотографија“ достигна нов пресврт

„Победничката селфи – фотографија“ (Victory Selfie) го трансформираше искуството на церемониите за доделувањето на медали преку фотографиите што самите спортисти ги доловуваат и ги споделуваат низ целиот свет, брзо станувајќи култен културен момент на Олимписките и Параолимписките Игри.

Скандал: Лога го навреди претседателот на Уставниот суд Костадиновски дека е „имбецил“ и оти има „умерена интелектуална попреченост“!

„Имбецил! *Историски гледано, технички термин за умерена интелектуална попреченост!“ – напиша Кренар Лога од ДУИ, поранешниот министер за правда, во својата скандалозна објава на фејсбук за претседателот на Уставниот суд д-р Дарко Костадиновски, објавувајќи ја и неговата фотографија во судиската тога. Тешките навреди на Лога кон Костадиновски се и дел од остриот напад на неговата партија ДУИ, која вчера се огласи со соопштение и тврдење во него дека е „дискриминација и кршење на духот на Уставот ставот, според кој смс-пораките од системот ‘Безбеден град’ треба да се испраќаат само на македонски јазик, додека може да се испраќаат и на англиски, но не и на албански јазик.“. Ова е ставот на првиот човек на Уставниот суд Костадиновски. „Со оваа постапка претседателот на Уставниот суд ги надминува своите надлежности и брутално интервенира во правниот поредок и во меѓуетничките односи во државата.“ – тврдеше ДУИ, а напоредно со неа и Лога се огласи со својата екстремно тешка и навредлива квалификација за Костадиновски дека е „имбецил“.

Најнови вести

To top