Македонија

Сторителите на семејно насилство нема да останат неказнети

Во првите шест месеци од годинава, извршени се вкупно 512 кривични дела во врска со семејното насилство, од кои најголемиот број од случаите се извршени од страна на мажи

Со најновите предлог измени на Кривичниот законик кои ги подготвува Министерството за правда, семејното насилство ќе може да се гони по службена должност, дури и без жртвата да поднесе пријава.

„Семејното насилство е општествен проблем кој бара институционален одговор. Со предложените измени на Кривичниот законик, правиме клучен чекор напред во заштитата на жртвите, особено на жените и другите ранливи групи. Повеќе нема да се бара храброст од жртвата за да поднесе пријава – сега храброста и одговорноста се на државата“, посочуваат од Министерството за правда.

Доволно ќе биде сведокот, сосед, роднина, пријател, случаен минувач да пријави семејно насилство, а институциите ќе бидат должни да реагираат.

Досега, често се случуваше жртвата, соочена со трауми, заплашувања или економска зависност, да се повлече од постапката со што насилникот останува неказнет.

Според статистичките податоци кои ги доби МИА од Министерството за внатрешни работи, во првите шест месеци од годинава, извршени се вкупно 512 кривични дела во врска со семејното насилство, од кои најголемиот број од случаите се извршени од страна на мажите – вкупно 474 и кои повеќето завршиле со телесни повреди.

Од невладините организации ја поздравуваат одлуката за ваквата измена и очекуваат да донесе поголема сигурност за жртвите и сериозен институционален пристап кон семејното насилство.

И политичките партии даваат поддршка за новите измени. Сметаат дека оваа законска измена ќе ја зајакне борбата со семејното насилство.

Од Министерството за правда во одговорот за МИА нагласуваат дека со измените и дополнувањата на Кривичниот законик се врши и редефинирање на кривичното дело „Телесна повреда“ од член 130  со отстранување на гонењето по предлог во случаи кога делото е сторено при вршење родово-базирано насилство, насилство врз жена или семејно насилство или од омраза или спрема лице кое е посебно ранливо поради неговата возраст, тешките телесни или душевни пречки или бременост, со што овој облик на делото ќе се гони по службена должност согласно одредбите од Истанбулската конвенција.

Од Министерството очекуваат дека оваа реформа ќе придонесе за зголемена отчетност на сторителите и охрабрување на жртвите да побараат помош, што, како што велат, во целина ќе води кон подобрување на состојбата со семејното насилство во државата. МИА

Најнови вести од: Македонија

Да се забрани „џанк“ храна во училиштата и да се оданочат зашеќерените пијалаци, бара Клековски

Министерот ги повика граѓаните, особено оние со зголемен ризик или со семејна историја на дијабетес, да не ги игнорираат симптомите како постојан замор, зголемена жед или заматен вид и да направат превентивен преглед.

Тамара Котевска го освои „Британскиот Оскар“ за документарен филм, рамо до рамо со Херцог и Дејвид Атенборо

Македонската режисерка Тамара Котевска, двојно номинирана за ОСКАР и двојно номинирана за ЕМИ, го освои престижното Гран-при признание (за најдобар кино-документарец) на овогодинешното доделување на наградите „Гриерсон“ (Grierson British Documentary Awards) во Лондон, кои во светската кинематографија важат за британски Оскар за документарни филмови.

Се проширува достапноста на банкарските услуги за клиентите на „АЛТА банка“ – од понеделник нова експозитурата во Прилеп

Народната банка продолжува внимателно да ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и да презема активности за да им се овозможи на сите клиенти полесен пристап до сопствените средства и непречено извршување на платежните услуги.

To top