Началникот на српската Управа на криминалистичката полиција, Марко Кричак, утрово е уапсен по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, поради сомнение за злоупотреба на службената положба, а врз основа на кривична пријава поднесена од адвокатите на помошник-директорот на полицијата Веселин Милиќ, објави „Радар“. По истата пријава е приведен и началникот на Службата за сузбивање на криминалот, Бошко Секуловиќ.
Кричак ја раководеше полициската акција по убиството на Александар Нешовиќ Баја во ресторанот „27“ во белградската населба Сењак. Во првичната полициска кривична пријава за случајот беше опфатен и Веселин Милиќ, кој во тоа време, покрај функцијата помошник-директор на полицијата, беше и началник на белградската полиција.
Сега, како што наведува „Радар“, Кричак е осомничен дека во овој случај фалсификувал докази и вршел притисок врз сведоци и врз обвинети за нивните искази да ги приспособат на однапред создадена верзија за настаните.
За потсетување, кон крајот на јули, правните застапници на Веселин Милиќ поднесе кривична пријава против Кричак и против Секуловиќ до Посебното одделение за борба против корупцијата при Вишото јавно обвинителство во Белград, поради сомнение дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Сењак 27“, на штета на Милиќ.
Во тогашното соопштение на адвокатската канцеларија „Васиљевиќ легал“ било наведено дека суштината на пријавата е во тоа што, според тврдењата на адвокатите на Милиќ, пријавените лица не му ги доставиле на надлежното обвинителство доказите со кои располагале. Според нив, од тие докази јасно и недвосмислено произлегувало дека фактите наведени во кривичната пријава против Милиќ не биле вистинити, што, како што тврделе, се потврдило и со отфрлањето на наводите од пријавата и нејзиното дополнување.
Адвокатите тогаш истакнале дека Кричак и Секуловиќ со незаконско постапување, мотивирано од лични побуди, го дискредитирале Веселин Милиќ во јавноста и придонеле тој да биде разрешен од должноста началник на Полициската управа за град Белград.
Поранешниот началник на белградската полиција, Веселин Милиќ, беше уапсен на 15 мај, заедно со уште десетмина, во врска со убиството на Александар Нешовиќ Баја, извршено на 12 мај во ресторанот „27“ во Сењак.
Постои сомнение дека во Нешовиќ пукал Саша Вуковиќ, познат како Боске.
Првично се сомневало дека убиството било извршено во присуство на Милиќ и дека тој, заедно со уште тројца полицајци од неговото обезбедување, учествувал во отстранувањето на трагите од злосторството.