На 64-тиот Државен натпревар на ученици во основното музичко образование, што се одржа на 6 и 7 април 2026 година во Скопје, учениците од основното општинско училиште „Св.Јоаким Крчовски” постигнаа високи и резултати во двете дисциплини: пијано и хармоника.
Како што информира професорката по музичко и наставник -ментор, Лариса Жулина – Митовски, нејзините ученици ги освоиле трите највисоки места во дисциплината пијано на државното првенство и тоа: второодделенката Уна Златановска, прва награда, Михаил Митровски втора награда и Мила Младеновска, 3 одделение, трета награда.
Во дисциплина хармоника браќата Јован и Павел Јосифовски освоиле трета награда, а работеле под менторство на проф. Дејан Ангеловски.
Натпреварот го организаше Здружението на музички и балетски педагози, во соработка со Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија.
-Овие натпревари се реализираат како постојана и значајна манифестација во рамките на системот на стручното музичко и балетско образование во Република Северна Македонија, со цел: вреднување на стекнатите знаења, умеења и вештини на учениците, рангирање според постигнувањат, откривање и поттикнување на талентирани ученици и согледување на степенот на развој на музичкото образование. Исто така целта е да се реализира професионална ориентација на наградените ученици како и размена на педагошки искуства – рече Жулина-Митовски.
Нагласи дека постигнатите резултати се уште една потврда за континуитетот и квалитетот во работата на кривопаланечкото основно училиште, кое успешно ја негува традицијата во создавање квалитетни музички кадри и развојот на музичката писменост и култура.