Македонија

Уставен суд: Со невистините за Законот за употреба на јазиците Пендаровски влијае врз сликата за правниот поредок и институционалниот интегритет на државата!

Реакција на Уставниот суд на Република Македонија во врска со изјавата на поранешниот претседател Стево Пендаровски во врска со предметот, во кој е оспорен Законот за употреба на јазиците

По прашања од повеќе медиуми во врска со дадената изјава од поранешниот претседател на државата Стево Пендаровски, Уставниот суд појаснува:  Во емисијата „Дебатен агол“ на Tevë1, објавена на 13 март 2026 година, од страна на поранешниот претседател на државата, Стево Пендаровски,  беше изнесена неточна информација поврзана со предмет кој е во постапка пред Уставниот суд. 

Беше наведено дека „некој, наводно обичен граѓанин, непознат на јавноста, поднел барање до Уставниот суд со кое се оспорува Законот за употреба на јазиците, односно дека истиот не е во согласност со Уставот и бара поништување на тој Закон.  Па бидејќи ние живееме во мала држава, сите веруваат дека зад тој обичен граѓанин сигурно стои политичка партија. Сега одеднаш, по неколку години практицирање на тој закон некој вели да го преиспитаме тој Закон, да го консултираме Уставниот суд, како и дека „Уставниот суд веќе закажал расправа за ова прашање во следните месеци и може да биде голем проблем доколку Судот го поништи тој Закон“.

Уставниот суд укажува дека ваквите изјави не се точни и не кореспондираат со фактичката состојба. Имено, не станува збор за „подносител кој е непознат за јавноста”, туку за 13 иницијативи поднесени од 45 подносители, меѓу кои има и политички партии, професори, адвокати, здруженија и граѓани. Оваа информација во повеќе наврати изминатите години е јавно објавена од страна на Судот, во рамки на заложбите за транспарентност. Можете да ја прочитате и на следниот линк: https://ustavensud.mk/archives/31152 

Судот исто така укажува дека, имајќи ја предвид сензибилизираната јавност за овој предмет, високиот степен на јавен интерес, особено е значајно јавни личности или лица кои вршеле високи државни функции и може да придонесат за креирање на јавната перцепција, да се воздржат од изнесување неточни или непроверени информации, без разлика дали се наменети за домашната или меѓународната јавност.

Дополнително, прејудицирањето на одлуката на Судот, како и изнесувањето претпоставки за можните последици од одлучувањето, претставува несоодветен пристап кој може да влијае не само врз угледот на Судот, туку и врз перцепцијата за правниот поредок и институционалниот интегритет на државата. Уставниот суд ја информира јавноста дека во конкретниот предмет не е донесена одлука и дека Судот за овој предмет, исто како и за сите останати ќе постапува во согласност со Уставот, врз основа на сите релевантни факти, аргументи и правни норми., реагираше денес Уставниот суд на Република Македонија.

 

Најнови вести од: Македонија

Николоски: Македонија да ѝ се приклучи на иницијативата „Три мориња“ заради геостратешкиот интерес

Јасни се новите геополитички текови во светот и треба да бидеме паметни, нашата дипломатија да ја фати иницијативата „Три мориња” на нејзиниот зародок како геостратешки интерес на државата, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на панел-дискусијата „Транспортни коридори – геостратешки предуслов за економски просперитет и безбедносна архитектура во Југоисточна Европа – иницијатива 3 мориња”, што се одржа во Стопанската комора

Судење за „Пулс“: Инспекторка утврдила нова фирма, но не направила нова контрола поради „немање влијание врз животната средина“

На денешното судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани сведочеше инспекторка за животна средина во Општина Кочани, која истакна дека во 2022 година утврдила оти објектот работи под друго правно лице, но не извршила повторен надзор бидејќи сметала дека станува збор за субјекти што немаат влијание врз животната средина

To top