Врело во кањонот Матка кај Скопје го доби приматот на најдлабоко истражена подводна пештера во светот по експедицијата на меѓународен тим спелеонуркачи, кои стигнаа до рекордна длабочина од 338 метри, што е за 51 м подлабоко од досега истражената длабочина од 287 м.
Со тоа Врело ги престигна подводните пештери Фонт Естрамар во Франција, длабока 312 метри, и Елефанте Бјанко во Италија, која е длабока 292 м.
Од спелеонуркачкиот клуб „Врело“ соопштија дека 15 нуркачи од Македонија, Полска и Италија од 10 до 17 октомври успеале да се симнат до 338 метри, притоа поставувајќи нови светски рекорди во три категории: најдлабоко истражена подводна пештера од човек, најдлабоко нуркање во пештера и најдлабоко длабинско нуркање на отворени води.
Освен новите длабочини, експедицијата открила и два досега непознати подводни канали, со што мапата на пештерскиот систем е значително проширена. Вкупно се истражени повеќе од 150 нови метри пештерски канали, кои дополнително го збогатуваат познавањето на комплексниот подводен систем на Врело.