Македонија

Зa Владата е прифатлив процентот од 0,35 од БДП за судиите и обвинителите

Власта нема да се меша како ќе ги делат парите

Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека е прифатлив процентот од 0,35 отсто од БДП да се одвојува за судиите и обвинителите. Тој вели дека како држава за правосудниот систем одвојуваме повеќе од 75 проценти од земјите-членки на ЕУ.

– Детално периодов го проучувам овој случај, вклучително делот со буџетот којшто се одвојува за судството и за Обвинителството. Дури и Венецијанската комисија има забелешки за тој член каде што се определува судскиот буџет, практично. Пред неколку дена давав посеопфатна анализа за состојбата во делот на финансирањето на правосудните системи во Европа. И од таа анализа, направена и финансирана од европска институција – тоа е Советот на Европа, за податоци од 2022, објавена 2024 година, дојдовме до заклучок дека ние како држава одвојуваме пари од буџетот за правосудниот систем повеќе од 75 проценти земји-членки на ЕУ. Ние одвојуваме 0,39 проценти од нашиот БДП тогаш 2022, сега замислете во 2023 и 2024 БДП многу повеќе порасна отколку во 2022. Франција е 0,2, a Германија е 0,3 од нивниот БДП. Европскиот просек отприлика е 0,3 – рече Мицкоски.

Според премиерот, како држава не можеме да си дозволиме зголемување од 1,3 проценти, од кои 0,8 за судови и 0,5 за обвинител од БДП.

– Тоа би било негде 260 милиони долари годишно, кога тие пари ги немаме. А од друга страна се бара од нас фискална консолидација, бидејќи претходната влада не направила фискална консолидација и ние од високи нешто под 5 проценти буџетски дефицит оваа година се консолидираме под 4 проценти, а догодина се обидуваме да дојдеме и до 3,5 проценти, а зошто да не и под 4 проценти буџетски дефицит. Така што, јас мислам дека 0,25 проценти е нешто кое што е прифатливо за судовите и 0,1 процент за обвинителите или севкупно 0,35 проценти од нашиот БДП – потенцира Мицкоски.

Тој повтори дека има претседатели на судови коишто имаат месечни примања од околу 180.000 денари, околу 3.000 евра месечно.

– Јас како премиер, мојата плата со стажот во годините којшто го имам од претходно е 155.000 денари, отприлика 2,5 илјади евра. Судиите немаат под 100 илјади. Судија почетник, на пример, во Македонија има бруто годишна плата околу 19.134 евра. Во Словенија е 34.000 евра. Значи негде околу 85 проценти повеќе во услови кога БДП на Словенија е 350 проценти поголем од нашиот, што е четири пати повеќе. Така што, ние ќе направиме закон со којшто ќе дозволиме плановите за вработувања, плановите за унапредувања да ги одобруваат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, а нас нека нѐ информираат, ние нема да се мешаме. Како сакаат, како мислат, така нека прават. Ние како Влада сме одговорни пред граѓаните за што се трошат парите – рече Мицкоски.

Премиерот кажа дека „малкумина го контаминираат огромното мнозинство чесни судии и обвинители“.

– Ова е ставот и спремен сум политички тоа да го поднесам за оваа состојба во која што ќе бидам критикуван во извештаи во иднина – додаде Мицкоски.

Најнови вести од: Македонија

НЕОФИЦИЈАЛНО: За „Пулс“ уапсен и Драган Паунов, вработен во УЈП и брат на претседателката на Кривичен суд

Обвинителството во рамки на проширената истрага за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што на 16 март 2025 година однесе 63 млади животи и повреди над 200 лица, покрена кривични постапки против десетици осомничени за корупција, злоупотреба на службена положба и фалсификување документи.

Уште десетина приведени за пожарот во дискотеката “Пулс”

Вработени и раководни лица од Управата за јавни приходи и од Државен пазарен инспекторат се опфатени со проширената истрага поврзана со пожарот и работењето на дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.

To top