Македонија

„Зошто се премолчува можниот терористички мотив за пожарот во Пулс“ – За адвокатите и обвинителството има одговорност

Адвокатите на пазарните инспектори го посочија и Обвинителството како виновник за пожарот

Со серија забелешки за работата на Обвинителството, одбраната на обвинетите пазарни инспектори за пожарот во Кочани на денешното рочиште остро ја критикуваше правната конструкција на обвинението и начинот на кој во јавноста се пласираат неточни информации за институционалната одговорност и за правниот статус на објектот во кој загинаа 63 луѓе.

Дел од адвокатите го нападнаа Обвинителството посочувајќи дека ако се бара причинско-последична врска кај системот и сите институции, тогаш одговорност треба да има и кај самото Јавно обвинителство, кое по допрен глас требало да ја има првичната реакција ако имало некаква незаконитост во дискотеката „Пулс“.

Во воведните зборови адвокатот Ванчо Шехтански, бранител на поранешниот пазарен инспектор Миле Ампов, изрази сомнеж дека пожарот е терористички акт и отворено праша зошто таа теза веднаш е отфрлена и покрај чудниот след на настаните во критичниот ден.

– Се бараат документи од 2012, од 2013 година, се свртува вниманието, но ние сега ќе го свртиме каде што треба. Од 35 обвинети, 30 не биле присутни на местото на пожарот. Кој го запали објектот, зошто се запали? Зошто нема вештачење на огнените прскалки, од кај се купени, кој ги внел? Кој ги затвори вечерта вратите во објектот, зошто беше затворен излезот? Ние нема да се бавиме со глупости и со документи од 2012 година и со надзори. Вистината мора да се каже – рече Шехтански.

Обвинителството, со овој обвинителен акт прави свилен гајтан на државата, додаде тој.

– Веќе е посочено со прст и е создадено јавно мислење за сторители, но, никој од сторителите не е тука! Правосудството има само 2 отсто рејтинг, имало зошто. Ако за еден ваков настан, за ваква невидена трагедија во Макеонија имаме ваков брутален обвинителен акт, кој има цел да манипулира со јавноста … Не може да се манипулира со вистината, ќе се најде некој што тоа нема да го дозволи. Зошто во обвинителниот акт нема никакви податоци од безбедносните служби, во врска со созанија за некакви дејствија во тој ден – праша Шехтански.

Зошто во доказите не го видовме вештачењето на прскалките, додаде тој. Има огноотпорни и запаливи прскалки, потсети Шехтански.

– Зошто ЈО го свртува вниманието на целата јавност, што може да биде многу опасно, со сосема непотребни работи, наместо да го утврди битието на делото? Во врска со прскалките, од кои, нели, настанал пожарот што доведе до невидена трагедија, невозможно е во обвинението да нема ниеден збор. Овие активности, заедно со активностите, кои се причинско-последични од околината на државата, невозможно е, да нема ни збор, дали случајно се работи за некаков терористички акт? Ова само се нафрла, заради чудниот тек на настаните, каде што веднаш се посочуваат сторители со причинско-последична врска од 2012 до 2025 година – рече Шехтански.

По допрен глас Обвинителството е тоа што треба да ја има првичната реакција доколку имало некаква незаконитост во објектот, рече адвокатот.

– Да не бидам брутален, да прашам дали обвинителот мирно спие. Зошто, обвинителе, вие наместо да барате причинско-последична врска кај другите институции, едноставно по допрен глас не сте реагирале, и оваа трагедија на 16 март немало ни да се случи. Немојте да манипулирате со луѓето. Што мислите, како им е на семејствата на обвинетите, за кои се мисли дека се убијци? Барем во овој случај, вистината не смее да се крие, а таа се крие – рече Шехтански.

Јавноста не го знае обвинителниот акт, ниту има можност да го прочита, додаде.

– Не може одговорност да нема и да се зборува за систем, нема систем, има имиња. Во април имав можност на една телевизија да зборувам за овој настан и беше спомната тезата за терористички акт, емисијата беше избришана и цензурирана и затоа имам сомнеж – рече тој.

Во продолжение, одбраната укажа на неточно прикажување на правниот статус на субјектите поврзани со објектот.

Шехтански наведе дека неговиот клиент, како инспектор до 2022 година, вршел надзори и констатирал дека „Класик“ и подружницата „Кабаре Пулс“ не ги исполнувале условите за работа, но оти објектот каде што се случила трагедијата, не е истото правно лице.

Потсети дека Ампов во 2024 година веќе бил во пензија, поради што не можел да врши инспекциски надзор. Тој додаде дека објектот во кој избувна пожарот има различен назив од оние што се наведуваат во јавноста.

– Дискотека „Пулс“ во Централен регистар не постои. Немојте да манипулирате. Правното лице ДПТУ „Класик“ е регистрирано на 2.3.2009 година … Во неговиот состав има подружница „Кабаре Пулс“. Правното лице „Класик“’ не е меѓу обвинетите правни лица. „Класик“ постои до 9 февруари 2024 година … Од тој период наваму, правното лице повеќе не постои. Објектот каде што се случи трагедијата се вика „Клуб Пулс“, ниту кабаре, ниту дискотека. Тука е проблемот, нема лиценца. Човекот не можел да врши инспекциски надзор во 2024 година кога бил веќе во пензија – рече Шехтански.

Адвокатот Зоран Волчанов, бранител на Блашка Евтимова, пензиониран пазарен инспектор во Виница од 2004 до 2024 година, рече дека останува нејасно зошто е обвинета и реално има настанот апсолутна застареност, со оглед дека се гони за дејствие што го презела во 2012 година.

– По тој датум таа ниту презела друго дејствие, ниту можела, ниту имала обврска и надлежност спрема фирмата и објектот каде се случила трагедијата, бидејќи живее и работи во Виница и не постапува во Кочани, каде била само еднаш во 2012 година и тоа по налог на регионален раководител. И по тоа дејствие има застареност согласно закон. Затоа не знаеме од кои причини Обвинителство се обидува да ја опфати со овој обвинителен акт, врзувајќи ја со последици во 2025 година и наводно неизвршување контрола, за која нема надлежност, освен да ја врши евентуално по налог на регионален раководител – изјави Волчанов.

Обвинетата Блашка Евтимова, пред Судот, рече дека кога во 2012 година била во контрола објектот во целост ги исполнувал условите предвидени согласно законските одредби по кои постапувале.

– Сум утврдила дека капацитетот во тој момент на кабарето е 170 лица, посетители. И комплетно со целата фактичка состојба на објектот во потполност ги исполнувал условите. Потоа што се случувало и 2025 година, јас не можам да кажам, затоа што никогаш повеќе не сум добила налог за одење во кабаре „Пулс“, кое повеќе и не било кабаре и не постоела таа фирма. Била сосема друга фирма, со друг управител и не сум имала никакви сознанија, ниту сум добила налог – изјави Евтимова.

Бранителот на пазарната инспекторка Весна Кузмановска, адвокатот Благој Димковски, во воведниот збор рече дека одбраната ќе ја темелат на факти и докази, а не на претпоставки и дека ќе докажат дека кај Кузмановска нема вина.

– Зад името на Весна Кузмановска стои личност која повеќе од три децении работела посветено, професионално, одговорно и со интегритет. Која ниту еднаш не била предмет на дисциплинска постапка, пријава или прекршок. Видно од обвинението, но и од истрагата и доказите, јасно е дека Кузмановска е обвинета затоа што работела во службата и тоа ревносно и казнувала, опоменувала и поднесувала пријави за неправилности. Оваа жена машки ја работела својата работа. Одбраната е на мислење дека оваа обвинета ќе била изземена од ова обвинение и постапка, само доколку претходно не работела ништо во својата служба. Зад членовите и кривичните дела кои се ставаат на товар не стои умисла, не стои желба за некаква корист, стои човек кој е невин, но и ако постоела грешка, таа е грешка на систем, на недоречени процедури, оптовареност и организациски слабости, но не и грешка на едно лице што со чиста совест го извршувало она што законот го барало од неа – изјави Димковски.

Ќе докажеме, нагласи Димковски, дека Весна Кузмановска е вметната во ова обвинение без правна основа, без аргументи и без докази, а како последица на административни недоразбирање и неточни претпоставки.

– Обвинителот во воведниот говор убедливо објаснуваше дека од 2012 година наваму сите имаат одговорност, и градоначалници, и инспектори, и министри, и службеници и кој уште не. Почитуваниот обвинител само не посочи за одговорност кај своите, кај обвинителите. Јавно се прашувам, имала ли оваа држава обвинители, имало ли Кочани обвинители од 2012 година па наваму и каде биле? Сите се повикуваат на систем, па нели е Обвинителството еден од столбовите на овој систем? Па ако е силно и квалитетно обвинителството можеби толку маани на системот и нема да му наоѓаме и можеби пожарот во Кочани ќе беше спречен или немаше да се случи – рече Димковски.

Обвинението против пазарниот инспектор Емил Митев претставува правно погрешно и фактички неосновано проширување на кривично-правната одговорност, оцени неговиот бранител, адвокат Марјан Михов, во денешното обраќање пред судот. Според него, ставовите на Обвинителството се темелат на погрешна правна квалификација, непрецизно индивидуализирање на наводните повреди и игнорирање релевантни околности, меѓу кои и вонредниот режим на работа за време на пандемијата со ковид-19.

Адвокатот Михов истакна дека неразбирливо е како дејствија од пред повеќе години можат да се третираат како тешки кривични дела против општата сигурност.

– Ја разбирам улогата на Основното јавно обвинителство, кое има задача да ги гони сторителите на тешки кривични дела, да бара да се задоволи правдата и секој виновен да ги сноси последиците од своите злодела. Но, не можам да разберам како евентуално неизвршување или непреземање дејствија пред 5, 10 или 15 години може да се квалификува како кривично дело по член 292 во врска со член 288 од КЗ – посочи Михов.

Додаде дека не постои можност да се утврди умисла кај неговиот клиент за последиците што Обвинителството ги наведува.

– Прашање е, и тоа сериозно, како може да се поверува, а уште помалку да се утврди „надвор од разумно сомневање“, дека во умислата, дури и евентуална, на еден пазарен инспектор била опфатена оваа „грозоморна последица“ и дека тој свесно ја прифатил нејзината можност да настапи – рече адвокатот.

Михов оцени дека обвинението се темели на општи, „бланкетни норми“, кои без индивидуализација им се ставаат на товар на повеќе лица, меѓу кои и Митев.

– Наведени се различни временски периоди, различни функции кои обвинетите ги извршувале, но на сите им се ставаат на товар исти норми, без јасно наведување кои од нив, конкретно, секој од нив наводно ги повредил – истакна Михов.

Во однос на применливоста на законските и подзаконските акти, одбраната нагласува дека од нивната содржина е јасно дека се работи за општи одредби за инспекциски надзор, без докази дека Митев ги повредил токму тие одредби.

Адвокатот потсети и дека неговиот клиент во 2012 година воопшто не бил инспектор, туку советник за управни работи.

– Обвинетиот Емил во периодот 13.12.2012 година, кога била извршена контролата во кабарето „Пулс“, не бил инспектор, туку советник за управни работи. Тој не потпишал ниту еден документ од извршената контрола – рече Михов.

Додаде дека Митев бил присутен во објектот само два пати и тоа во придружба на овластени инспектори, кои самостојно го спровеле и завршиле надзорот.

Посебно се осврна и на наводите во обвинението дека Митев, како раководител, не издавал навремени налози за инспекциски надзор.

– Обвинетиот Емил издал налог на 27.1.2018, на 7.10.2018 и на 12.11.2021. Неспорно е дека поминало време помеѓу два од тие налози, но Обвинителството го занемарува фактот дека од 12.3.2020 до 27.10.2021 беа на сила владините одлуки за заштита од ковид 19, со кои беше забранета работа на кафулиња, барови, клубови, казина и обложувалници – нагласи Михов.

Посочи дека токму поради вонредните мерки било невозможно да се спроведат контроли согласно пропишаната методологија.

– Оваа забрана траеше 1 година и 7 месеци. Во тој период, од објективни причини, не можело да се вршат контроли согласно член 12 и член 31 од правилникот. Тоа значи дека во „критичниот период“ од обвинението не е поминат период подолг од пет години, доколку се изземе периодот покриен со владините одлуки – рече адвокатот.

Михов заклучи дека Обвинителството не го зело предвид реалниот контекст, ниту правната логика на надлежностите и овластувањата во различни институционални структури, поради што, како што оцени, обвинението против Митев е правно неодржливо.

Текстот е преземен од Плус Инфо.

Најнови вести од: Македонија

Општина Сарај има долг од близу три милиони евра

Во интерната анализа, Општината открила сомнителни договори, неразумни договори и трошоци направени, како што вели Елмази, без милост. Тој порача дека Сарај веќе нема да се управува со логиката на импровизација или со начинот на размислување „некој друг нека го реши проблемот“.

Зимзоленд работи без дозвола, институциите си ја префрлаат топката

Од Град Скопје велат дека не издале дозвола, бидејќи тоа било обврска на општината Аеродром. Додека институциите меѓусебно ја префрлаат одговорноста, во Зимзоленд атмосферата останува раздвижена – музика, светилки и детска смеа го исполнуваат просторот во Лисиче.

To top