Регион

Млади стрип-таленти ја претставуваат Македонија на меѓународниот фестивал „Инкубатор“ во Јошаничка Бања

Под покровителство на групацијата „СТРИП ЦЕНТАР-СТРИПОТ МОЖЕ“, Ангела Петрушевска, Јасмина Јовчевска и Андреј Јовановски ќе творат рамо до рамо со врвни балкански и светски мајстори на деветтата уметност.

Од 9 до 13 јули, Јошаничка Бања ќе биде епицентарот на регионалната стрип-сцена. Годинава, традиционалната 14-та Меѓународна стрип-колонија во Рашка прераснува во нов, проширен формат како дел од првиот Фестивал на стрип „Инкубатор“. Оваа престижна уметничка манифестација, која со години ги поврзува младите таленти и искусните автори од разни земји, ветува богата петдневна програма исполнета со работилници, промоции и изложби.

Како што извести Томе Трајков ,македонската стрип-сцена и оваа година продолжува со своето традиционално учество, кое датира уште од 2015 година. Официјален организатор на македонската екипа за ова издание е групацијата „СТРИП ЦЕНТАР-СТРИПОТ МОЖЕ“ со седиште во Велес,кадешто тој е претседател.

Нашата земја ќе ја претставува исклучително млада и перспективна екипа од Скопје: студентката Ангела Петрушевска, како и средношколците Јасмина Јовчевска и Андреј Јовановски.

За трите млади македонски надежи ова ќе биде бесценето искуство за нивниот уметнички развој. Тие ќе имаат уникатна можност директно во живо да творат и да учат од докажани авторитети во деветтата уметност.

Овогодинешната програма на фестивалот е исклучително атрактивна за публиката и учесниците, а списокот на едукатори покрај еминентните предавачи се надополнува и со познатиот професор Владимир Весовиќ од Белград, кој со децении ја негува новата стрип-генерација на Балканот.

Програмата по денови вклучува:

· 9 јули (четврток): Свечено отворање (20:30 ч.) со промоција на деветтиот број на реномираната стрип-ревија „Rascomic“ на уредникот Горан Трајковиќ.

· 10 јули (петок): Интензивни стрип-работилници водени од познатите илустратори Љиљана Стризе Трајковиќ од Врање , Драган Стокиќ Рајачки од Заечар и Дарко Стојановиќ од Белград

· 11 јули (сабота): Централна изложба во Бањскиот комплекс со промоција на стрипот „Skupljači perja rano lete“, по што ќе следува голем славенички концерт на познатиот репер Вуду Попај (Vudu Popaj) кој прославува 30 години на сцената.

· 12 јули (недела): Ексклузивно стручно предавање на светски познатиот илустратор и визуелен уметник, Бобан Савиќ Гето.

Настанот е поддржан од Општина Рашка, Центарот за култура „Gradac“, Клубот на ликовни уметници „Рашка школа“ и Канцеларијата за млади. Делата што македонските автори ќе ги создадат за време на колонијата традиционално ќе бидат презентирани пред регионалната јавност, со што уште еднаш ќе се потврди силниот креативен мост меѓу младите уметници од Балканот.

Најнови вести од: Регион

Бугарија: Евакуација на судови и институции, откако добиваат повеќекратни закани за наводно поставени бомби

Втор ден по ред јавните институции низ цела Бугарија добиваат известувања за закани со поставени бомби, а властите добија повеќекратни предупредувања за наводно поставени експлозивни направи, објави во вторникот бугарското Министерство за внатрешни работи.

To top