Во анализата на весникот се истакнува: Последната обемна студија спроведена од Европскиот совет за надворешни односи (ECНО) и Европската културна фондација (EКФ) за тоа како граѓаните на Европската Унија гледаат на европскиот блок покажува дека има криза на довербата во европскиот проект, широко е распространето чувство на пад, па дури и перцепција за опасност за иднината на Европската Унија.
Европејците остануваат силно приврзани кон Унијата (74 отсто во просек), како што покажуваат анкетите на Евробарометар секоја година. Но тие се разочарани од способноста на институциите да се справат со растечките предизвици, според ова петто издание на европскиот компас на расположенија, објавено на 9 септември. Така, 68 отсто од испитаниците сметаат дека има „општо влошување“ на ситуацијата во ЕУ. Само 12 отсто ја опишуваат моменталната ситуација во Европа во смисла на „будење и обнова“, далеку од сликата за динамизам и автономија што лидерите како претседателката на Европската Унија, Урсула фон дер Лајен, и францускиот претседател Емануел Макрон се обидуваат да ја проектираат во услови на притисок од конкурентските геополитички сили, како што се Кина и САД.
Бавноста и бирократијата го оневозможуваат справувањето со предизвиците
Обратно, 74 отсто од граѓаните веруваат дека Европа се мачи за да се справи со предизвиците со кои се соочува, при што нејзината бавност и бирократија честопати се сметаат виновни за тоа. За 56 отсто од испитаните граѓани, иднината на ЕУ е во опасност. Исто така, се критикува и перцепираното лицемерство во Европа, која брзо ги покажува своите вредности и принципи, но сепак е подготвена да попушти пред американскиот претседател Доналд Трамп со потпишување неповолен трговски договор со него во летото 2025 година во врска со царините. Во тоа лицемерство е и лицемерството за евроинтеграциите на Македонија, која станува најстара земја кандидат и сѐ уште ги нема започнато преговорите, и покрај големите жртви што ги има направено. Некои од испитаниците го изразија својот „срам“ од оваа капитулација. Ова разочарување, пак, поттикнува загриженост за реалниот капацитет на Европа да ги заштити своите граѓани.
Целата анализа тука