Регион

Постепената интеграција е единствениот пат до членство – Еди Рама бара нов пристап на ЕУ кон Западен Балкан

Франција и Германија поддржаа идеја за „структурирана постепена интеграција“ на земјите-кандидатки, со можност постепено да добиваат пристап до одделни европски формати и политики.

Албанскиот премиер Еди Рама повика на промена на начинот на кој Европската Унија ги интегрира земјите од Западен Балкан, оценувајќи дека постепената интеграција е најреалниот пат кон членство. Рама ова го кажа на форумот „Intelligence on the World, Europe and Italy“ во Чернобио, Италија, каде учествуваше на панелот „Агенда за Европа“. Според него, земјите-кандидатки не треба да чекаат полноправно членство за да бидат вклучени во конкретни европски политики и институции.

Тој предлага постепено отворање на европскиот пазар и другите механизми на Унијата за земјите-кандидатки, при што тие би добивале права и обврски според областите во кои ги исполнуваат условите.

– Не ни треба право на вето за да седнеме на маса. Ни треба сè да биде на маса – рече Рама.

Тој смета дека процесот треба да почне од заедничкиот пазар, образованието, науката и истражувањето, наместо земјите да чекаат да ги затворат сите преговарачки поглавја пред да почувствуваат конкретни придобивки од интеграцијата. Рама предупреди дека не верува оти сегашниот модел може да доведе до брзо проширување на Унијата.

– Не верувам дека 2027 година среќно ќе нè чека со нашето право на вето – рече тој, објаснувајќи дека не очекува земјите членки лесно да прифатат нови членки со целосно право на блокирање одлуки.

Албанскиот премиер го критикуваше и сегашниот пристап, според кој земјите-кандидатки прво треба да поминат низ долг процес на исполнување на критериумите и затворање на поглавјата, а дури потоа да станат дел од процесот на одлучување. Тој предложи променет редослед – земјите да бидат поблиску до европските институции и постепено да добиваат конкретни права, додека паралелно ги исполнуваат условите за полноправно членство.

Рама употреби и метафора со „седумте деца“ на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, мислејќи на земјите што се во процесот на приближување кон ЕУ. Според него, сите тие треба да бидат „околу масата“ на Европската Унија, иако во различни статуси.

– Ако го затворите поглавјето за наука, култура, образование, за тоа станувате член и имате исти права – рече Рама.

Тој порача дека колку повеќе земјата добива од европскиот систем, толку повеќе треба да придонесува, но истовремено мора да има место во процесот. Идејата за постепена интеграција не е нова. Во февруари годинава Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ предложија побрза интеграција на подготвените земји-кандидатки во единствениот европски пазар и Шенген-зоната, без тие во почетната фаза да добијат целосни институционални права и право на вето.

Во меѓувреме, и Франција и Германија поддржаа идеја за „структурирана постепена интеграција“ на земјите-кандидатки, со можност постепено да добиваат пристап до одделни европски формати и политики. Предлогот на Рама, сепак, не значи дека земјите би биле ослободени од реформите. Напротив, постепената интеграција подразбира исполнување на европските критериуми и правила во секоја област во која кандидатот сака да биде интегриран.

Најнови вести од: Регион

Популарната емисија повеќе нема да се емитува на Телевизија – новите газди не го продолжија договорот

Новата сезона на култната српска сатирична емисија „24 минути со Зоран Кесиќ“ ќе започне на 19 септември на јутјуб каналот на емисијата, соопшти авторот и новинар Зоран Кесиќ. Досега емисијата се еитуваше на телевизијата „Нова С“, но менаџментот соопшти дека таа е симната поради тоа што е прескапа и поради неуспешниот договор меѓу екипата на емисијата и претставниците на „Адриа њуз нетворк“ (АНН) – компанијата што ја поседува „Нова С“ и која неодамна доби ново раководство откако беше преземена од португалскиот инвестициски фонд „Алпак капитал“.

Вучиќ за одложената посета на Кос: Објаснувањето ѝ беше глупаво! Требаше да забраниме погреб на Младиќ, да правиме кучешки гробишта?!

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска го нарече „глупаво“ објаснувањето за одложувањето на посетата на европската комесарка за проширување Марта Кос на Белград.

Се готви политички земјотрес во ЕУ, во тек е и тивка битка меѓу Урсула Лаен и Каја Калас

„Берлин и Париз бараат да се расчисти кој ќе ја води европската дипломатија. Во позадината на институционалната расправа се води и борба за политичка моќ. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен во последните години презеде исклучително активна улога во надворешната политика. На Каја Калас тоа не ѝ се допаѓа.“ – објави „Плус инфо“.

Најнови вести

To top