Бугарија денеска се збогува со својот фудбалски великан Димитар Пенев, селектор на најпријатното изненадување на Светското првенство 1994 во САД, кога неговите избраници го освоија четвртото место.
Посмртните останки на Пенев беа изложени на Националниот стадион „Васил Левски“ во Софија, а со својот некогашен „учител“ се простија повеќемина од играчите од златната генерација – Христо Стоичков, кој не можеше да ги запре солзите, како и Наско Сираков, Даниел Боримиров, Емил Костадинов, Илијан Кирјаков, Златко Јанков, Емил Кременлиев, Красимир Балаков, Јордан Лечков, Ивајло Јорданов.
Почит му оддадоа и репрезентативците од следната генерација – Димитар Бербатов, Мартин Петров, Станислав Ангелов, а најпознати имиња што отсуствуваа беа неговиот внук Љубослав Пенев, кој се бори со тешка болест, како и Борислав Михаилов.
Сочувство до семејството на Пенев изразија високи државни функционери, претседатели на клубови и фудбалски фанови, кои чекаа во долга редица за да остават свежо цвеќе до неговиот ковчег.
Својот историски успех Бугарија под водството на Пенев го почна со пораз од Нигерија од 3:0, по кој ги нанижа Грција со 4:0 и Аргентина со 2:0 во групата, потоа Мексико на пенали во осминафиналето по 1:1 во основниот дел, како и Германија со 2:1 во четвртфиналето, за на крајот да загуби со 2:1 од Италија во полуфиналето и од Шведска со 4:0 во натпреварот за бронзениот медал.
Токму на ова првенство Бугарија ја оствари својата прва победа на мундијалите, на кои е неславен рекордер со 16 меча во низа без триумф (од 1962 до 1994 година), а не славеше ниту на трите одиграни средби на нејзиниот последен планетарен шампионат во 1998 година.
Стоичков на историското СП 1994 за Пенев и Бугарија беше најдобар стрелец со 6 гола.
Пенев остави длабока трага врз бугарскиот фудбал и како играч, настапувајќи како централен дефанзивец на три светски првенства, а има освоено и 13 трофеи со ЦСКА Софија и два пати е прогласуван за бугарски фудбалер на годината.
