И машката, и женската кадетска ракометна репрезентација се пласираа во финалето на Светското училишно првенство во Македонија и утре ќе се борат за златото во големата сала на арената „Јане Сандански“ во Скопје.
Прво за најблескавиот медал ќе се борат кадетките од 14 часот против Хрватска, а од 16 ч. и кадетите против Израел.
Со цел да добијат што посилен ветер во грбот од трибините, влезот ќе биде слободен.
Во денешното полуфинале избраниците на селекторот Горан Кузманоски убедливо ја совладаа Србија со 30:19, а Израел ја изненади Хрватска со 28:26.
Претходно, во рамките на групата А, „црвено-жолтите“ ги совладаа Бугарија со 33:18, Грузија со 46:13, Република Српска со 27:25 и Саудиска Арабија со 23:11.
Кадетките, пак, денеска ги декласираа Турчинките со 30:22, а Хрватките беа подобри од Романките со 25:20.
Во групата Ц претходно Македонија ги победи Белгија со 34:12, Грузија со 45:13 и Словачка со 29:13.