Спорт

Скопје повторно станува центар на европското и светското џудо!

Скопје уште еднаш ќе биде домаќин на најдобрите европски и светски џудисти во рамките на Европскиот куп во џудо за сениори – Скопје 2026, кој ќе се одржи на 19 и 20 септември

Скопје уште еднаш ќе биде домаќин на најдобрите европски и светски џудисти во рамките на Европскиот куп во џудо за сениори – Скопје 2026, кој ќе се одржи на 19 и 20 септември. Според последните податоци од Џудо Федерацијата на Македонија, досега се пријавени над 440 џудисти од повеќе од 40 држави, од 4 континенти. Бројки кои говорат сами за себе и сè уште една потврда дека светската џудо елита го препознава Скопје како сериозен и квалитетен домаќин. Во прилог на тоа зборува и фактот дека на минатиот Европски куп во Скопје беа пријавени околу 300 натпреварувачи, а сега тој број е значително поголем.

– Слободно можеме да кажеме дека овој натпревар ги надминува сите наши очекувања, бидејќи бројката на натпреварувачи не само што е значително поголема од истиот ваков настан кај нас, туку е поголем и од сите европски купови во кој било град низ Европа. Да додадам и дека своето доаѓање го најавија најдобрите европски и светски џудисти, бидејќи резултатите ќе се бодуваат и за Олимписките игри, така што секој ќе настојува да постигне што подобар пласман. Доаѓаат првите луѓе на европското џудо, најавени се веќе шестмина амбасадори кои сакаат да ги следат борбите, така што очекуваме врвен џудо настан – вели претседателот на Џудо федерацијата на Македонија, Владимир Трпановски.

Ова не е само уште едно големо спортско натпреварување. Ова е резултат на посветеноста, професионалноста и одличната организација на Џудо Федерацијата на Македонија, која со секој следен меѓународен настан го гради имиџот на нашата земја на европската и светската џудо сцена.

Само за илустрација, за турнирот во Скопје, меѓу најбројните селекции што се најавени, се Русија, Германија и Италија со по повеќе од 50 натпреварувачи.

Инаку Европскиот куп го носи името бидејќи се одвива на територијата на Европа, а право на настап имаат џудисти од сите континенти.

Најнови вести од: Спорт

To top