
Александар Трајковски постигна суператрактивен гол со „ножички“ за водство на фудбалската репрезентација на Македонија, но на крајот од контролниот натпревар во Прага славеше Саудиска Арабија со 2:1.
Трајковски им донесе предност на „црвено-жолтите“ во 40. минута, израмни Фирас ал Бураикан на истекот од првото полувреме, а целосен пресврт за Саудијците донесе Абдулах ал Хамдан во 78. минута.
За 32-годишниот македонски напаѓач, кој е без ангажман по заминувањето од Хајдук, ова е 24. погодок во 95. настап, со што се зацврсти на второто место на вечната листа голгетери на македонскиот национален тим, која ја предводи Горан Пандев со 38 гола, а трет е Енис Барди со 18.
Тестот на стадионот „Викторија Жижков“ за избраниците на селекторот Благоја Милевски беше увертира за реваншот со Лихтенштајн в недела од 18 часот во Скопје од квалификациите за Светското првенство 2026.
Во рамките на групата Ј попладнево Велс славеше како гостин со 1:0 над Казахстан и се искачи на врвот на табелата со 10 бода од пет средби, симнувајќи ја Македонија на второто место со 8 бода од четири меча.
Феноменалниот гол на Трајковски на линкот: rumble.com/v6yhvzc-sarmkd0-1.html