Милиони луѓе ширум светот се соочуваат со сериозни прекини во работењето на услугите на технолошкиот гигант Microsoft – вклучувајќи клучни алатки како Outlook, Teams и Copilot – како дел од глобален пад на системот што трае веќе повеќе од десет часа. Иако експертите предупредуваат дека ова би можело да прерасне во еден од најтешките прекини во историјата, кој потенцијално би предизвикал штети во вредност од милијарди долари, компанијата ја отфрли можноста за хакерски напад и соопшти дека интензивно работи на решавање на проблемот, пренесува BBC.
Прекинот ги погоди корисниците на глобално ниво. Според податоците од платформата Downdetector, која ги следи проблемите пријавени од корисниците, проблемот се проширил во 74 земји за само еден час. До доцните попладневни часови во четвртокот (по средноевропско време), бројот на пријави за проблеми само со Outlook достигна речиси 140.000 – што претставува скок од повеќе од 2.000 пати над вообичаениот обем.
Пад на серверите, а не хакерски напад
Од Microsoft официјално наведуваат дека не станува збор за сајбер-напад, туку за технички проблем во нивната сопствена инфраструктура – поточно, за „зголемено оптоварување“ во повеќе региони. Од компанијата појаснија дека проблемот не настанал поради наплив или преголем број активни корисници, туку поради тоа што одреден број сервери неочекувано престанале да функционираат. Ова предизвикало лапсус и преоптоварување на преостанатите сервери, кои поради тоа не можеле да ги обработат сите пристигнати барања.
Иако во еден момент од Microsoft оптимистички изјавија дека забележуваат „позитивни резултати“ од преземените поправки, набргу признаа дека процесот не се одвива според првичниот план. Тие предупредија дека, дури и кога услугите ќе бидат повторно воспоставени, тие би можеле повторно да паднат штом корисниците масовно почнат да се поврзуваат. Поради ова, инженерските тимови сега тестираат алтернативни методи кои ќе им овозможат на корисниците безбеден пристап до алатките, без притоа целосно да го преоптоварат системот.