Иран неодамна истрела две балистички ракети кон заедничката американско-британска воена база на островот Диего Гарсија во Индискиот Океан, објави „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на официјални лица во САД.
Ниедна ракета не ја погодила својата цел, која е оддалечена околу 4.000 километри од иранската територија, но лансирањето сугерира дека Техеран има ракети со поголем дострел отколку што се сметаше претходно, се вели во написот.
Една од ракетите била оштетена при полетувањето, а другата била пресретната од пресретнувач лансиран од американски воен брод, иако не било јасно дали ракетата била погодена, објави весникот.
„Диего Гарсија“ на островите Чагос е една од двете бази што Велика Британија им дозволува на САД да ги користат за „одбранбени“ операции во Иран.
Американските сили распоредија бомбардери и друга опрема во базата, која е клучен центар за операции во Азија, вклучително и американските бомбардирачки кампањи во Авганистан и Ирак.
Велика Британија се согласи да ги врати островите Чагос на Маврициус откако ги држеше од 1960-тите, и го задржува закупот на базата на Диего Гарсија, најголемиот од островите. Американскиот претседател Доналд Трамп остро ја критикуваше одлуката.
Пентагон не одговори на барањето за коментар од АФП во врска со извештајот на „Волстрит џурнал“ дека Иран испукал две балистички ракети кон заедничката американско-британска база на атолот Диего Гарсија во Индискиот Океан.
Немаше официјални реакции од други институции, вклучувајќи ја Белата куќа и британската амбасада во Вашингтон, објави Ројтерс.
„Иран испали две балистички ракети кон американско-британската воена база на Диего Гарсија во Индискиот Океан“, објави Ројтерс, повикувајќи се на иранската новинска агенција Мехр во понеделник.
Мехр рече дека нападот врз базата е „значаен чекор… што покажува дека дострелот на иранските ракети е далеку поголем отколку што непријателот претходно мислеше“.
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека Велика Британија требало да дејствува многу побрзо во обезбедувањето на своите бази за напад врз иранските ракетни сили што се користат во нападите во Ормускиот теснец, објави ДПА.
„Ова е многу доцна реакција од Велика Британија“, им рече американскиот лидер на новинарите во Белата куќа. „Изненаден сум бидејќи односите се толку добри. Ова никогаш порано не се случило. Пред ова ни беа сојузник број еден, насекаде во светот“.
Во врска со базата на атолот Диего Гарсија, тој истакна дека Велика Британија не сака САД да ја користат и повторно го критикуваше Лондон за отстапување на суверенитетот над островот Маврициус.
Трамп го зголеми притисокот врз НАТО, па дури и ги нарече сојузниците на алијансата „кукавици“ затоа што не обезбедија воени бродови за отворање на Ормускиот теснец.