Високи претставници на регионалните сили денеска ќе се сретнат во Пакистан за да разговараат за можни начини за прекинување на борбите на Блискиот Исток, додека во регионот пристигнаа околу 2.500 американски маринци, а бунтовниците Хути, поддржани од Иран, влегоа во едномесечната војна против Иран.
Пакистан соопшти дека Саудиска Арабија, Турција и Египет ќе испратат високи дипломати во Исламабад.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф изјави дека тој и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан одржале обемни дискусии за актуелните регионални непријателства.
Војната сериозно ги загрози глобалните снабдувања со нафта и природен гас, предизвика недостиг на минерални ѓубрива и го наруши воздушниот сообраќај.
Контролата на Иран врз стратешкиот Ормутски теснец предизвика големи потреси на пазарите и доведе до значителен пораст на цените.
Соединетите Американски Држави и Израел продолжуваат со воените операции врз Иран, додека иранските одмазднички напади беа насочени кон Израел и кон соседните арапски држави од Персискиот Залив.
Вклучувањето на Хутите во конфликтот може дополнително да го влоши глобалниот поморски сообраќај, особено доколку тие повторно почнат да ги таргетираат трговските бродови во протокот Баб ел-Мандеб во Црвеното Море.
Преку овој теснец вообичаено поминува околу 12 отсто од вкупната светска трговија.