Македонија

ПР на ДНК сведочеше дека прскалките биле од бендот, купувани легално од продавница во Кисела Вода

Васко Спасовски, ПР и букинг менаџер на музичката група ДНК

Васко Спасовски, ПР и букинг менаџер на музичката група ДНК, денеска сведочеше пред Судот за пожарот во дискотеката „Пулс” во Кочани, тврдејќи дека од Денис Даутовски, поранешен тур-менаџер на бендот, дознал дека токму тој бил задолжен за активација на пиротехничките прскалки пред да замине за Германија, три до четири месеци пред трагедијата.

Сведокот изјави дека бил означен на Инстаграм профилот на ДНК како менаџер за ПР и букинг некаде три до четири месеци пред кобниот настан, но дека до официјална соработка со бендот никогаш не дошло. Истакна дека во деловна смисла неговата улога подразбирала единствено договарање термини и испраќање промо-материјали, а не организација на самите настапи.

Опишувајќи ги членовите на бендот, Васко изјави дека Панчо бил „мотор на бендот”, дека без него ДНК не би опстоел дваесет години, додека Филип, клавијатуристот, бил задолжен за музичко-техничките аспекти, пробите и репертоарот. За Мартин Атанасовски – Буцо изјави дека бил „бит-боксер” со точка од минута до две на бина, кого Андреј или Панчо го повикувале на половина од настапот, а меѓу неговите задолженија биле и снимањето и објавувањето содржини на социјалните мрежи.

По прашањата за поранешниот тур-менаџер Денис Даутовски, кој соработувал со ДНК седум до осум години и бил близок пријател на Панчо, сведокот посочи дека Денис престанал да соработува со ДНК три до четири месеци пред трагедијата, бидејќи, како што рече, се преселил во Германија.

– Денис престана да соработува со ДНК три до четири месеци пред трагедијата, се пресели во Германија каде што доби работа според неговото образование. Тој претходно работеше со ДНК 7 или 8 години, беа блиски со Панчо, се дружеа приватно. Тој одеше на сите настапи и беше задолжен како „тур-менаџер” – каде ќе се пресоблечат, каде ќе спијат, каде ќе јадат и тн. Тој не е музичар, рече Спасовски.

Сведокот додаде дека по трагедијата се слушнал со Даутовски, кој му соопштил дека пиротехничките средства биле купени легално од продавница во Кисела Вода и дека никогаш порано, додека тој бил задолжен за прскалките, не се случил инцидент.

На прашањето кој ја презел улогата на Даутовски за активација на пиротехниката, сведокот истакна дека негова претпоставка е дека тоа може да е Мартин Атанасовски – Буцо, бидејќи „нема кој друг да го има тоа задолжение со оглед на фактот дека сите други прават нешто друго – свират, пејат“.

Сведокот потврди дека не бил присутен на кобната вечер, туку бил дома и дека дознал за трагедијата преку принтскрин од кочански портал, споделен од пријател во околу четири часот наутро. Утрото, додаде, во седум часот пристигнал во Кочани заедно со продуцентот на песните на ДНК барајќи информации за Панчо, Андреј и останатите членови на бендот.

На прашањата во врска со сопственикот на „Пулс”, Дејан Јованов, Васко изјави дека единствено за него знаел дека е газда на клубот и дека никогаш не му биле нудени писмени договори, ниту му биле укажувани безбедносни аспекти при организацијата на настапите.

На крајот од денешната главна расправа, од страна на Обвинителството беше посочено дека дел од сведоците ќе бидат повлечени, како и дека ќе биде повикан Денис Даутовски да сведочи во постапката со оглед на новите околности од сведочењата. За следното судско рочиште закажано за 9 март треба да сведочат петмина сведоци по предлог на Обвинителството.

Судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс” во Кочани, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, се одвива пред Кривичниот суд во Скопје. На обвинителна клупа се наоѓаат 34 физички и 3 правни лица.

Најнови вести од: Македонија

Galaxy Z Fold8 нуди повеќе отколку што мислите: мали трикови што го олеснуваат секојдневниот живот

Со Galaxy Z Fold8, осмата генерација на иновативни уреди на преклопување на Самсунг (“Samsung”), нуди повеќе за откривање, надвор од веќе познатото искуство на отворање на уредот за да се добие поголем екран. Некои функции ви овозможуваат телефонот да го доживувате полично, додека други ги олеснуваат секојдневните задачи.

Премиерот Христијан Мицкоски најави мерки со кои младите двојки полесно ќе се стекнат со дом

Градежната компанија нема да може да добие дозвола за градба ако уште во процесот на урбанизација и проектирање не одвои најмалку 10 отсто од станбената површина за оваа мерка за младите, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски: Годишно 8,1 милиони евра оделе кај околу 4 илјади лица, кои немале право на социјална помош!

На седницата на Собранието посветена на пратеничките прашања, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, се осврна на буџетот за следната година и предизвиците кои се очекуваат.

One Albania е првиот оператор во Западен Балкан со одобрение за тестирање на технологијата Direct-to-Device на SpaceX

Како дел од 4iG Group, One Albania продолжува да инвестира во напредни технологии, вклучувајќи 5G и оптичка инфраструктура, за да ја подобри поврзаноста и да ја зајакне својата телекомуникациска мрежа низ целата земја.

Јаневски: Потребен е критички однос кон оние, кои работат против државните интереси на Македонија, наместо да им се дава простор и влијание во јавноста!

Се покажа дека случајот со Ива Михаилова го води бугарската служба, но кај нас тенденцијата беше јасна – вината за нејзиното бегство да се префрли на МВР и на министерот Панче Тошковски – вели генералниот директор на Македонската информативна агенција – МИА Дарко Јаневски. Тој во гостувањето на „Колегиум“ на ТВ „Алфа“ говореше за медиумските приказни,  поврзани со случајот со Ива Михаилова, односите со Бугарија и влијанието на странските служби врз новинарството.

To top