Тема: Блаже Конески

Како некои Македонци говорат „маканглиски јазик“ и се откажуваат од духот на прадедовците и „единствената целосна татковина“!

Кога мало дете од 4 години – роден говорител на македонски јазик ќе каже „мало шипче“, наместо „мала овчичка“ (од англиски „sheep“ – овца), кога на родителите ќе им возврати со „уат?!“, наместо „што?!“, кога и зборовите за боите од англискиот јазик „грин“ („зелено“), „јелоу“ („жолто“) „ред“ („црвено“) ќе му излегуваат од устата попрво одошто соодветните македонски зборови  – примери што ги има чуено авторот на овие редови во говорната пракса во Македонија во последно време – тогаш на денешниов 5 мај, Денот на македонскиот јазик, најотворено и најискрено на себеси како македонски народ мора да си го поставиме прашањето: дали не само децата, туку и ние повозрасните започнуваме да говориме еден вид „маканглиски јазик“? А кога ќе го придодадеме кон претходните примери, кои ги има бездруго и многу повеќе, уште и фактот дека на детските родендени во Македонија многу повеќе се пее и се слуша „хепи брд ту ју, мај диар…“, одошто „среќен ти роденден, мое драго…), тогаш се отвора на овој празничен ден и второто длабоко вознемирувачко и алармантно прашање: кај ни оди нашиот мајчин македонски јазик, што се случува со него?!

Конески, генијот-посветеник на Македонската идеја, и неговиот аманет Македонците да си го вардат јазикот, својата „единствена неподелена татковина“

Блаже Конески (Небрегово, 19 декември 1921 – Скопје, 7 декември 1993), генијот на македонската поезија и проза, академик, книжевен историчар, филолог и јазичар, творец на „Македонската граматика“, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје, е еден од кодификаторите на современиот македонски книжевен јазик. Денес се навршуваат 92 години од неговата смрт и ова е пригода за ново навраќање кон неговото неизмерно книжевно и научно творештво, на неговата личност и кон непресушните врутоци на неговите јазични, поетски и национални посланија и завештанија до денешново и сите наредни македонски поколенија дека токму јазикот е она, што нѐ прави како македонски народ, различен од сите други народи во Балканот, Европа и светот. Во последната, претсмртна статија „Една ситуација и едно лично становиште“ Конески ќе истакне: „Денешниот однос на бугарските раководители спрема нашиот јазик има свои длабоки корења во теоријата на великобугаризмот. Можеше ли оформувањето на нашиот јазик да биде појава случајна, дури измислена? Се разбира дека не можеше. Но, македонскиот јазик, и покрај сите викотници против него, од каде и да идат тие, постои, се развива и станува јазик на сѐ побогата литература, станува јазик, на кој што културните придобивки на човештвото му се присвојуваат на еден народ, досега потиснат во мракот на ропството. Добро кажува арапската пословица: ‘Пците лаат, карванот си мине!“

To top