Муцунски: Идејата за уставни измени стана политички токсична, бидејќи се направија премногу отстапки!
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски порача дека Македонија заслужува предвидлив и доверлив пат кон полноправното членство во Европската Унија, оценувајќи дека граѓаните се уморни од постојаното „поместување на стативите на голот“. Оваа изјава тој ја даде за денешното утринско издание „Плејбук“ на бриселскиот аналитички портал за европски прашања „Политико“. Притоа Муцунски истакна дека „идејата за уставни измени станала политички токсична“, поради, како што истакна, „премногуте направени отстапки“, а од друга страна и сомнежот дека Бугарија ќе поставува нови барања во иднина.