Министерството за јавна администрација освои регионално признание за дигиталната платформа „PAR Connect“, наменета за следење на реформата на јавната администрација.
Наградата беше доделена во Белград, во рамки на Наградите за јавна администрација за 2026 година, кои ги доделија Регионалното училиште за јавна администрација (ReSPA) и ОЕЦД-СИГМА.
Алатката овозможува континуирано следење на спроведувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација, поврзување меѓу институциите и централизиран увид во реформските процеси.
Преку неа се следат околу 40 институции и речиси 200 реформски активности, со можност за увид во напредокот во реално време, подобрена координација и поефикасно известување.
Од Министерството нагласуваат дека платформата придонесува за посистематичен и потранспарентен пристап во реформите, овозможува побрзо препознавање на проблемите и создава услови за навремена реакција.
Решението веќе се проширува и во други институции. Министерството за дигитална трансформација и Управата за јавни приходи, врз основа на склучени меморандуми, ја презеле алатката и работат на нејзино приспособување за следење на своите стратешки документи и акциски планови.
Годинашните награди привлекоа значителен интерес, со над 100 пријави од институции од Западен Балкан и Источното соседство.
Македонскиот проект беше издвоен во категоријата специјални признанија, меѓу практиките што се истакнуваат по иновативност, практична применливост и потенцијал за подобрување на јавниот сектор.
Од Министерството сметаат дека ова признание претставува дополнителен поттик за продолжување на реформите со поголема динамика, фокус на конкретни резултати, институционална одговорност и повисок квалитет на јавните услуги.