Американскиот претседател Доналд Трамп, кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин следниот четврток ќе одржат трилатерална средба во кинескиот град Шенжен, на маргините на Самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), соопшти Белата куќа.
Портпаролката на Белата куќа, Оливија Велс, изјави дека една од главните теми ќе биде намалувањето на нуклеарното оружје. Таа истакна дека Трамп смета оти ширењето на нуклеарното оружје претставува сериозна опасност и дека сака да се посвети на ова прашање.
Според американски претставник, Трамп планира да го отвори и прашањето за Иран, додека темата за Украина најверојатно нема да биде дел од трилатералните разговори. Причината е што Вашингтон води одделни дипломатски процеси со Киев и Москва, во кои Пекинг не учествува.
Засега не е планирана посебна билатерална средба меѓу Трамп и Путин. Од Белата куќа, во пресрет на посетата, соопштија и дека прашањата поврзани со компанијата „Нвидија“ и американските ограничувања за извоз на напредни чипови нема да бидат дел од разговорите со кинеската страна.
Трамп ќе отпатува во Азија во понеделник. Најпрво ќе ги посети Филипините, а потоа ќе замине за Шенжен, каде што ќе се одржи самитот на АПЕК.