Согласно со одредбите од Правилникот за задолжителна опрема на возилата, за безбедно учество во сообраќајот на патиштата како зимска опрема за моторни возила кои не надминуваат 3.500 килограми се: зимски гуми на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од четири милиметри, гуми со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина, со минимум од најмалку 4 милиметри, ако возилото во приборот поседува синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
За моторни возила со погон на четири тркала (4×4): зимски гуми на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 милиметри, гуми со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со минимум од најмалку 4 милиметри, ако возилото во приборот поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина, се наведува во соопштението.
За моторни возила кои надминуваат 3.500 килограми потребни се: зимски гуми на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 милиметри, гуми со летен профил на сите четири тркала, со длабочина на шарите на нагазниот слој, по обем и широчина со минимум 4 милиметри, ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски гуми на погонските тркала и прирачен алат – лопата.
Зимски се оние гуми, кои на својата бочна страна имаат ознака „MS“, „M+S“, „M & S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
Согласно одредбите од Правилникот за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување на гуми со клинци.
„Ги повикуваме возачите да се придржуваат кон законската обврска за поседување на зимска опрема, бидејќи така се овозможува непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови“, стои во соопштението од МВР.