Свет

Иран тврди дека нападнал американска воена база во Бахреин

Иранската револуционерна гарда соопшти дека нападнала американска воена база во Бахреин како одговор на, како што навела, „непријателските американски постапки“

Нови напади со беспилотни летала го вознемирија Бахреин, откако противвоздушната одбрана на земјата пресретнала и уништила неколку ирански дронови. Истовремено, Иран соопшти дека извршил напад врз американска воена база во оваа заливска држава, во период на неизвесност околу можниот договор за завршување на војната меѓу САД, Израел и Иран, пренесува Ројтерс.

Станува збор за првите пресретнувања на ирански напади од страна на бахреинската противвоздушна одбрана од септември. Пред инцидентите се огласиле сирените, а властите издале две предупредувања за можни закани и ги повикале граѓаните да побараат засолниште.

Иранската револуционерна гарда соопшти дека нападнала американска воена база во Бахреин како одговор на, како што навела, „непријателските американски постапки“.

По два месеца затишје, жителите повторно биле вознемирени од експлозии. Првите детонации биле слушнати околу четири часот наутро по локално време, а нов бран експлозии следувал околу 6:30 часот.

Бахреинската војска соопшти дека нејзините системи пресретнале неколку воздушни напади пред проектилите или беспилотните летала да стигнат до целите. Притоа, Техеран го обвини дека продолжува со систематски непријателски активности кон земјата.

Според иранската државна телевизија „Прес ТВ“, Револуционерната гарда испратила шест дрона кон американскиот радар за противвоздушна одбрана во хеликоптерската база Ал-Рифаа во Бахреин. Американските и бахреинските власти засега не ги потврдиле овие тврдења.

Во Бахреин се наоѓа седиштето на Петтата флота на американската морнарица. Министерството за внатрешни работи ги повика жителите да останат смирени и да се упатат кон најблиското безбедно место.

Најнови вести од: Свет

To top