Македонија

Рама: Албанија нема да го попречува евроинтегративниот пат на Македонија

Јас сум сигурен дека нашите две преубави земји многу скоро, еден ден, ќе седнат на иста маса во Брисел и ќе бидат дел од Европската Унија, порача Мицкоски.

Дали Албанија ќе ја блокира Македoнија во евроинтеграциите ако земјава не ги спроведе уставните измени, премиерот Еди Рама посочи дека неодамнешната негова изјава на оваа тема за бугарски медиум била извадена од контекст. Тој додаде дека Албанија нема намера да го кочи евроинтегративниот пат на Македонија.

  • „Секогаш сум бил гласен говорник за приближувањето на Македонија во ЕУ и никогаш не би си дозволил на македонската влада или македонскиот народ, да кажам што треба да направи. Прашањето алудира на прашањето кои Бугарите го имаат кон вашата држава во врска со претходен договор. Имаше подолго објаснување, извадивте само еден дел од контекстот, а тоа е колку жртвувања направила Северна Македoнија, дури името го сменила за да влезе во ЕУ. И додадов дека македонската страна со право се сомнева дали ќе постои уште едно вето ако го направи овој чекор, да ги додаде Бугарите во Уставот. Но, од друга страна, Северна Македонија мора да го исполни овој услов за да влезе во ЕУ. Ова е моја претпоставка, но исто така јас никогаш, ниту Албанија никогаш нема да го прекине патот на Северна Македонија кон ЕУ“, кажа Рама.

Осврнувајќи се на прашањето за ставот на Рама во однос на внесувањето на Бугарите во Уставот како услов за члeнството во ЕУ за земјава, Мицкоски посочи дека станува збор за внатрешно прашање. Тој повика државите да се фокусираат на заеднички проекти кои водат кон пријателство и соработка.

  • „Ние сме, се разбира, свесни за реалноста, не ја игнорираме реалноста и исто така сме конструктивни и нудиме секогаш решенија за надминување на овој предизвик. За еден процес да биде позитивен потребан е доверба, а доверба се гради на работи и проекти кои поврзуваат. Еден од тие проекти е Коридорот 8 кои што ги поврзува трите земји – Македонија, Албанија и Бугарија. И денешниот настан е во таа насока, да работиме на проекти кои што зближуваат и да останеме во рамките на она што претставуваат внатрешни прашања на нашите држави. Јас сум сигурен дека нашите две преубави земји многу скоро, еден ден, ќе седнат на иста маса во Брисел и ќе бидат дел од Европската Унија“, рече Мицкоски.

Двајцата премиери на заеднички настан денеска го одбележаа воспоставувањето на системот „One stop shop“. Системот, како што кажа Мицкоски ќе додаде вредност и за туризмот и туристичкиот потенцијал што го имаат двете земји на охридското крајбрежје. Според Рама, досега на овој граничен премин функционирало правилото – контролирај, контролирај, но сега, како што рече ќе биде – верувај и контролирај.

Најнови вести од: Македонија

To top