„Професионалноста не е она што го пишува во нашето работно решение. Професионалноста е она што граѓанинот го добива кога ќе влезе во институцијата“, истакна Минчев на обуки за административни службеници во Охрид.
Тој посочи дека реформата на јавната администрација не треба да остане само на законски измени, туку мора да се почувствува во секојдневното функционирање на институциите и во односот кон граѓаните.
Обуките се насочени кон развој на менторските и комуникациските вештини, како и кон еднаквоста и недискриминацијата. Министерството работи и на воспоставување Академија за стручно усовршување и обука на административните службеници, која треба да започне со работа на почетокот на 2027 година.
Минчев најави и пошироки системски промени, меѓу кои новата законска рамка за административните службеници и Законот за високите раководители, со кои треба да се уредуваат критериумите за избор, оценување, професионалност и одговорност на раководните кадри.
„Државата не е силна кога има голем број на институции, туку кога институциите имаат капацитет да им служат на граѓаните“, порача министерот.