Повеќе од 140 милиони денари, односно околу 2,3 милиони евра, треба да им бидат вратени на над 26.000 граѓани во Македонија, откако Државниот пазарен инспекторат утврдил незаконска наплата на трошоци за опомени и известувања за доцнење со отплатата на брзите кредити. Ова беше соопштено на прес-конференција во Владата, на која беа презентирани резултатите од тримесечните инспекциски надзори кај сите 27 лиценцирани финансиски друштва во земјава. Контролите го опфатиле периодот од 2023 до 2026 година.
Инспекциските надзори покажале дека кај 18 финансиски друштва биле утврдени нечесни трговски практики, за што се издадени платни налози во вкупен износ од над 3,5 милиони денари, односно повеќе од 56.000 евра. Кај два субјекта биле констатирани неправилности во водењето на сметководствената евиденција, за што е известено Министерството за финансии.
Кај 12 финансиски друштва е утврдено дека наплаќале надоместоци за доставени известувања и опомени поради доцнење со плаќањето на кредитните обврски, спротивно на Законот за заштита на потрошувачите. Со издадените инспекциски решенија, друштвата се задолжени да ги вратат средствата во рок од 30, 60 или 90 дена, во зависност од бројот на засегнати потрошувачи.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, појасни дека граѓаните нема да треба самостојно да поднесуваат барања за поврат на средствата. Финансиските друштва имаат обврска да ги контактираат клиентите и да им ги вратат незаконски наплатените износи, а инспекторите ќе го контролираат исполнувањето на наредбите. Според проценките на Стојкоски, вкупната сума што би им била вратена на граѓаните може да достигне близу 200 милиони денари, односно околу 3,25 милиони евра.
- „Ценам дека можеме да стигнеме и до блиску 200 милиони денари кои би се вратиле на граѓаните. Меѓутоа, во оваа фаза имаме јасен пресек над 140 милиони денари“, изјави Стојкоски.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави дека доколку финансиските друштва не постапат согласно издадените решенија, институциите ќе ги искористат законските механизми, вклучително и можноста за нивно затворање. Имињата на финансиските друштва кај кои се утврдени неправилностите засега не се објавени, бидејќи, според надлежните, постапките и дополнителните проверки сè уште се во тек. Стојкоски потврди и дека Инспекторатот има план за проверки во банкарскиот сектор, откако беше запрашан за наплатата на банкарските провизии. Дополнителни детали за обемот и времетраењето на тие проверки засега не беа соопштени.