Бизнис

Холандска компанија планира проширување во Македонија

Потенцијал за вклучување на домашни компании

Холандската компанија Тујнкамер покажува сериозен интерес за нова инвестиција во Македонија.

Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ), Гоце Димовски, денес оствари средба со претставници на компанијата, која планира проширување на производството на монтажни куќи наменети за извоз на европскиот пазар.

На средбата се разговараше за инвестициските можности во рамки на технолошките индустриски развојни зони, достапната инфраструктура, како и условите и постапките за реализација на потенцијалната инвестиција.

Директорот Димовски ги презентираше конкретните можности што ги нудат зоните, со акцент на расположливите парцели и инфраструктурната опременост.

Тој истакна дека Дирекцијата стои на располагање за обезбедување детални информации, насоки за постапките и координација со надлежните институции.

Претставниците на Тујнкамер ги изнесоа своите намери за проширување на производството и потребите поврзани со изборот на соодветна локација и производствен објект.

Компанијата е специјализирана за проектирање и изведба на објекти по мерка – градинарски куќи, викендички, објекти за сместување гости и канцелариски простори во домашни дворови.

Понудата вклучува и префабрикувани модели, а процесот опфаќа дизајн, подготовка на елементите во сопствена работилница и монтажа на локацијата на клиентот.

Тујнкамер веќе има основано друштво во земјава – Тујнкамер ДООЕЛ Скопје – преку кое се разгледуваат можностите за воспоставување производствен капацитет.

Реализацијата на оваа потенцијална инвестиција би придонела за создавање додадена вредност во националната економија преку производство на готови производи за извоз, отворање нови работни места и вклучување на домашни компании во синџирот на снабдување.

Најнови вести од: Бизнис

Азески на регионален бизнис-форум: Го поврзуваме стопанството и градиме партнерства

Во рамки на Форумот, се потпиша и Меморандумот за соработка меѓу Стопанската комора на Македонија и Стопанската комора на Војводина, за кој претседателот Азески вели дека  не е само уште еден е протоколарен чин.

To top