Проширувањето на Европската Унија не претставува само обично проширување, туку е безбедносен императив, а напредокот што го бележат Црна Гора и Албанија кон членството е значаен и за Македонија, оцени претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на прес-конференцијата по Самитот на Процесот Брдо-Бриони во Охрид.
Пред новинарите таа истакна дека се забележуваат промени во пристапот на Европската Унија кон Западен Балкан, посочувајќи ја комуникацијата на Европската комисија за проширувањето како важен исчекор напред.
– Многупати сум рекла дека од 2003 година, односно од Солунскиот самит, не гледав јасна стратегија ниту чекори за нашето напредување, меѓутоа во моментот кога ја имаме пред себе комуникацијата на Европската комисија за проширувањето, гледаме голем исчекор, рече Сиљановска-Давкова.
Зборувајќи за евроинтеграцискиот напредок во регионот, претседателката истакна дека Црна Гора се наоѓа пред портите на Брисел, додека Албанија бележи видлив напредок.
– Напредокот го сметам за важен, бидејќи по 2013 година речиси немаше отворена порта за нас. Ова значи исчекор и мислам дека нивното напредување е и наше напредување, истакна претседателката.
Во врска со македонскиот пат кон ЕУ, Сиљановска-Давкова рече дека земјата се соочува со сериозен проблем поради билатералните прашања, кои, според неа, не се поврзани со копенхашките критериуми и не претставуваат европеизација, туку се спротивни на принципите и вредностите вградени во европските конститутивни акти. Таа нагласи дека постепеното членство не го смета за замена на полноправното, но оцени дека во процесот постојат инспиративни чекори.
За Процесот Брдо-Бриони претседателката рече дека е една од најдобрите и најинспиративните регионални иницијативи, подвлекувајќи ја важноста на меѓусебното слушање, разбирање и поддршка.
– Географијата сакала да живееме едни до други и регионалниот напредок е многу важен не само за регионот, туку и за самата Европска Унија, рече таа.
Како клучен аргумент за проширувањето, Сиљановска-Давкова ја истакна геополитичката позиција на регионот и потребата Европската Унија да ја зајакне својата улога на глобалната сцена.
– Проширувањето не е само прашање на проширување, туку е безбедносен императив. Ако Европската Унија сака да биде фактор на глобалната комплицирана политичка сцена, мора да сфати дека треба да биде и геополитичка унија, односно дека без таканаречениот Западен Балкан ќе остави геополитички вакуум, а во политиката никогаш не постои вакуум, нагласи Сиљановска-Давкова.
Таа укажа и на потребата од зајакнување на транспортните, енергетските и дигиталните врски во регионот, оценувајќи дека преку нив земјите ќе станат посилни. Меѓу предлозите што ги изнела на самитот е и поголемото вклучување на младите во решавањето на регионалните проблеми.
– Наместо иднината да им ја оставаме на младите, треба да ги вклучиме во решавањето на проблемите, дека тие можат да донесат нова енергија во рамките на Брдо-Бриони процесот, рече претседателката додавајќи дека нејзиниот предлог наишол на разбирање.
Сиљановска-Давкова посебно се заблагодари на Словенија и Хрватска за поддршката што им ја даваат на земјите од Западен Балкан, нагласувајќи дека двете земји можеле да понудат само охрабрување, но наместо тоа избрале заедничко патување и застапување на интересите на регионот.
– Словенија и Хрватска можеа да речат дека стигнале во Брисел и можат да нè охрабрат на нашиот пат кон Брисел. Не го сторија тоа, туку понудија заедно да патуваме, да бидат нашиот глас, да нè поддржуваат, научените лекции да ни ги презентираат и јас никогаш нема да го заборавам ова, рече Сиљановска-Давкова.
Таа оцени дека на самитот владеела отворена размена на мислења и разбирање, дури и кога се изразувале различни ставови.
На прашањето дали добила јасно ветување од Словенија и Хрватска дека ќе застанат на македонска страна во спорот со Бугарија, претседателката одговори дека не побарала таква директна поддршка, но дека двете земји постојано ја искажуваат својата поддршка за Македонија.
– Зборувавме за потребата од дебилатерализација, особено кога се работи за идентитетски прашања. Поддршката на обете држави е јасна и во процесот Брдо-Бриони, ама и денеска, секаде и секогаш тие велат дека стојат зад нас, рече претседателката.
Таа додаде дека принципите содржани во декларацијата од самитот се однесуваат и на односите со соседите и на билатералните прашања, оценувајќи дека меѓу учесниците постои консензус за принципите и вредностите поврзани со проширувањето.
За односите меѓу Македонија и Србија, Сиљановска-Давкова рече дека тие традиционално се добри и изрази очекување дополнително да се унапредат. Според неа, меѓу двете држави нема нерешени проблеми, а моделот на демократија е внатрешно прашање на секоја земја.
– Традиционално српско-македонските односи се добри. Очекувам уште подобри да станат. Мислам дека нема нерешени проблеми меѓу нас, ниту сме се соочувале со нив. Моделот на демократијата е внатрешно прашање на секоја држава, рече претседателката.
Таа му се заблагодари на претседателот на Народното собрание на Србија и вршител на должноста претседател на државата, Чупиќ, за присуството на самитот, оценувајќи дека со неговото доаѓање е покажано значењето на регионалната соработка.
– Замислете, тој даде предност на Охрид пред Брисел и дојде во Охрид, бидејќи регионалниот амбиент е многу важен. Ние не можеме да исчекориме кон ЕУ доколку не градиме регионално разбирање, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката изрази очекување дека по завршувањето на формирањето на државните органи во Србија ќе се создадат услови за продлабочување на меѓудржавната комуникација и односите, особено меѓу граѓаните, преку препознавање на заедничките интереси и заемно разбирање.