Оперативната реализација на Акцискиот план за справување со неконтролираното движење на добитокот на подрачјето на Општина Крива Паланка започна денеска, откако Координативниот штаб ги утврди конкретните активности и задолженија на надлежните органи.
Според планот што Владата го усвои на минатата седница, во почетната фаза одземениот добиток ќе биде примопредаден и згрижен во казнено-поправните домови Идризово и Прилеп. Дополнително, се разгледува можноста во натамошниот тек на процесот, согласно законските прописи, дел од животните да им бидат отстапени на здруженија на сточари и на млади сточари.
Како што информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), следен чекор на терен ќе биде мапирање на локациите каде што се наоѓа добитокот, со цел прецизно да се утврдат неговата бројност, распространетоста и пристапноста на теренот.
„Со воспоставувањето на овој механизам на институционална координација создаваме оперативни предуслови за системско и трајно надминување на проблемот со кој се соочуваат жителите на Крива Паланка. Приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, преку ефикасно спроведување на законските решенија, со истовремено почитување на стандардите за здравствена заштита и благосостојба на животните. Од суштинско значење е секоја институција одговорно и ефективно да го реализира својот дел од преземените обврски“, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
Во спроведувањето на оваа операција се вклучени вкупно седум државни институции: Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за управување со одземен имот, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Бирото за процена.