Автомото сојузот на Македонија и ЈП „Македонија пат“ информираат дека сите патни правци во државата се проодни, се чистат од снег, а на четири има и понатаму е на сила забрана за сообраќај на тешки товарни возила.
Од 18 часот синоќа забранет е сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Маврово – Дебар и на планинскиот премин Стража, од 22:15 ч. на магистралниот пат Крива Паланка – ГП „Деве Баир“ и од 00:20 ч. на патот А3 Битола – Ресен, премин Ѓавато.
Утрово во 7:30 ч. укината е забраната за тешки товарни возила на правецот Охрид – Ресен превој Буково и е прооден за сите видови возила.
Од 7 ч. магистралниот пат А3 на правецот Делчево – ГП „Делчево“ е пуштен за сите видови возила и сообраќајот се одвива нормално.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. Врнежи од снег се бележат на повисоките делови од државата, а на пониските места врнежите се со послаб интензитет.
Интензитетот на сообраќајoт на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.