Министерството за внатрешни работи најави поднесоци против тројца граѓани кај кои на вчерашниот Ден на албанското знаме е најдено знаме на Голема Албанија, која опфаќа дел од територијата и на Македонија.
„На 28.11.2026 во 15:10 часот на ул. ‘Ѓорче Петров’ во Скопје, полициски службеници сопреле патничко возило ‘голф’ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Џ.Т. (40) од Скопје, на кое имала истакнато две знамиња на Голема Албанија со натпис ‘Autochtonous’.
На 28.11.2026 во 15:30 часот на Плоштад ‘Скендербег’ во Скопје, полициски службеници го забележале Ј.А. (21) од с. Драчевица, скопско, кој во раката носел знаме на Голема Албанија со натпис ‘Autochtonous’.
На 28.11.2026 во 21:45 часот на крстосница од ул. ‘Ѓорче Петров’ и ул. ‘Кузман Шапкарев’ во Скопје, полициски службеници сопреле патничко возило ‘цитроен’ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал Р.И. (21) од с. Сарај, скопско, а на кое имало истакнато знаме на Голема Албанија со натпис ‘Autochtonous’“, информира МВР во својот билтен.